Презентирана Анализата за примена на воспитни мерки во центрите за социјална работа

На првата седница на Државниот совет одржана на 25 јануари 2022 година, беше презентрана Анализата: Воспитни мерки за деца во судир со законот кои се применуваат во ЦСР во РСМ – ефекти и унапредување на нивната примена, од страна на авторките Невена Петровска, д-р на педагошки науки и Снежана П.Мишевска, психолог, од ЈУ Завод за социјални дејности Скопје.

По спроведување на Анализата, авторките изведуваат аргументирани заклучоци и даваат препораки.

ЗАКЛУЧОЦИ:
1. Бројот на судски изречени воспитни мерки „Засилен надзор од страна на родителот/лите, односно старателот/лите“ и „Засилен надзор од страна на центарот“ спрема деца во судир со законот, во изминатите три години значајно се намалува споредбено со бројот на овие деца евидентирани во центрите за социјална работа, кој е континуирано и приближно ист за горе наведениот временски период.
2. Судот при изрекување на воспитните мерки „Засилен надзор од страна на родителот/лите, односно старателот/лите“ и/или „Засилен надзор од страна на центарот “ се раководи од принципот на постапност, градација и најдобриот интерес на детето, но согласно тежината на кривичното дело/прекршокот, постоење рецидивизам, проценката за ризиците потребите и потенцијалите на детето во судир со законот, како и капацитетите на родителот/лите за справување со развојните предизвици на самото дете и со семејните кризи.
3. Професионалците во цср поседуваат оптимален број на методи, скали и техники кои согласно профилот на стручниот работник од тимот ги користат за проценка на ризиците, потребите и потенцијалите на детето во судир со закон и неговите родители при спроведување и на двете воспитни мерки кои се предмет на оваа анализа.
4. Центарот за социјална работа при спроведување на судски изречената воспитна мерка „Засилен надзор од страна на родителот/лите, односно старателот/лите“ и „Засилен надзор од страна на центарот“ не соработува доволно добро со сите сектори задолжени за имплементација на Законот за правда за децата. Најдобра соработка цср остварува со полицијата, помалку добра со јавното обвинителство, судот и училиштата, додека здравствениот и останатите сектори се најслабата карика во соработката. Центарот ја истакнува потребата од зајакнување на мулти секторската соработка со сите чинители кои согласно Законот за правда за децата се важи и од огромно значење при спроведувањето на овие две воспитни мерки.
5. Центрите за социјална работа генерално не располагаат со доволен и разновиден број на потребни ресурси на локално ниво, што влијае и на успешноста при спроведување на судски изречената воспитна мерка „Засилен надзор од страна на родителот/лите, односно старателот/лите“ или „Засилен надзор од страна на центарот“.
6. Во општините каде постојат ресурси на локално ниво кои Центарот може да ги користи при спроведување на овие две судки изречени воспитни мерки, истите се дел од проектните активности на граѓанскиот сектор, а се од ограничен и времен карактер и зависат од финансиите на донаторот.
7. Законот за социјална заштита дава можности за развој на голем број социјални услуги од типот на вон-семејна заштита, значајни за успешно спроведување на процесот на ресоцијализација кај децата во судир со законот спрема кои е изречена една од воспитните мерки кои се предмет на оваа анализа.
Центрите за социјална работа истакнуваат дека генерално има потреба од развивање на социјалните услуги од вон-сеамејна заштита, со особен нагласок на услугата „групен дом“ и „центар за дневен престој“.
8. Податоците од анализата укажуваат дека постои неусогласеност на бројот на стручни работници кои постапуваат со деца во ризик и деца во судир со законот со големината на центарот за социјална работа. Помалите и средни центри за социјална работа имаат повеќе професионалци на работна позиција водител на случај кои работат на проблематиката правда за децата во однос на големите центри. Ваквата распределеност на човечките ресурси во центрите за социјална работа, може да влијае и врз квалитетот при спроведувањето на овие две судски изречени воспитни мерки спрема децата во судир со законот.
9. Стручните лица од центрите за социјална работа имаат потреба од континуирано јакнење и надоградување на нивните професионални капацитети за работа со деца во ризик, деца во судир со законот и нивните родители/семејства, како и остручување за потесна специјалност при постапување со оваа категорија на корисници, како што се: мотивирање и работа со „тешки“ корисници; контрола на агресивноста и разрешување на конфликти и сл.

ПРЕПОРАКИ

1. Центрите за социјална работа врз основа на идентификувани потреби, да иницираат во својата локална заедница развивање на услуги наменети за деца во ризик и деца во судир со законот кои ќе се користат при реализација на воспитните мерки (услуги во заедницата, центри за дневен престој, советувалишта, клубови за млади и сл.).
2. Во рамките на социјалната превенција преземање на мерки за рано откривање на деца во ризик, организирање на едукативни настани, дебати, трибини, кампањи и проекти за превенција на детско престапништво. Мерките на социјална превенција да се реализираат во соработка со други установи, единиците на локална самоуправа, здруженија. Мерките за социјална превенција да се предвидат во годишната програма на центрите за социјална работа.
3. Со цел унапредување на работата со деца во ризик и деца во судир со законот, вклучување во меѓу секторска работа и обуки со претставници на другите сектори во системот за правда за децата како полиција, јавно обвинителство, суд, образование и други.
4. Оптимизирање и усогласување на бројот на стручните работници кои работат на полето на правда за децата со просечниот број на евидентирани деца во ризик/деца во судир со законот на годишно ниво за секој центар за социјална работа поединечно, како еден фактор за зголемување на ефикасноста и остварување на целите заради кои судски е изречена една од воспитните мерки кои се предмет на оваа анализа.
5. Центрите за поддршка на згрижувачки семејства да реализираат активности за развој на специјализирани згрижувачки семејства за сместување на деца во ризик и деца во судир со законот, согласно утврдените потреби по региони.

Top