Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за деца организираше научно-стручна расправа на тема „Правично постапување со деца – искуства во примената на Законот за правда за децата“, на која учествуваа претставници на институции, меѓународни организации, правосудството, академската заедница и граѓанскиот сектор.
Во дискусијата активно се вклучија заменик на министерот за правда Ален Деребан . претставници од Народниот правобранител, УНИЦЕФ, судии, јавни обвинители, адвокати, професори и организации кои работат во областа на заштитата на правата на децата. Сите ја истакна потребата од континуирано унапредување на системот на правда за децата согласно меѓународните стандарди и најдобрите практики.
На расправата беше потенцирано дека правичното постапување со децата претставува заедничка одговорност на сите институции и професионалци кои учествуваат во системот на правда. Учесниците разменија искуства и практики од примената на Законот за правда за децата, при што беше нагласена важноста од навремена заштита, индивидуален пристап и ресоцијализација на децата.
Особено внимание беше посветено на:
- заштитата на најдобриот интерес на детето;
- унапредување на постапувањето со деца жртви, сведоци и деца во ризик;
- јакнење на превентивните механизми;
- меѓуинституционалната соработка и континуираната едукација на стручните лица.
Од страна на Државниот совет беше истакнато дека следењето на примената на Законот преку утврдени индикатори и анализи овозможува реална проценка на состојбите и креирање препораки за понатамошно унапредување на системот.
Заклучокот од расправата е дека е неопходна постојана координација и посветеност на сите чинители со цел да се обезбеди систем кој ќе гарантира достоинство, заштита и правична постапка за секое дете.














