Работилница за траума и психосоцијална поддршка на деца одржана од д-р Хајди Елис

На 25 октоври 2019 во Скопје престојуваше д-р Хајди Елис, доктор по клиничка психологија, која е директор на Центарот за справување со траума на бегалците во детската болница во Бостон  и вонреден професор по психологија на одделот за психијатрија на Медицинскиот факултет Харвард. 

         Во организација на Американската амбасада во Република Северна Македонија, д-р Хајди Елис одржа работилница, во просториите на Младинскиот Центар во Општина Чаир – YCCC. На работилницата присуствуваа стручни работници од центрите за социјална работа во Скопје, Тетово, Гостивар и Куманово, Ју Завод за социјални дејности – Скопје и член на Државниот совет за превенција на детско престапништво д-р Невена Петровска.Др. Елис ги сподели искуствата и најдобрите практики за траумата и психосоцијална поддршка на лицата кои доживеале траума.   Таа даде осврт на менталното здравје на децата, разбирање за изложеноста на траума, насилство и како социјалниот контекст влијае врз растот и развојот. д-р Елис исто така го истражувала искуството на преселување и можноста децата да станата поранливи. Преку пилот проект, таа открила дека траумата, посттрауматското стресно нарушување и социјалната маргинализација, ги прават децата и младите во ризик поотворени кон насилство.

 

Врз основа на сите сознанија која ги добила од спроведените лонгитудинални истражувања кои траеле и по 6 години, Д-р Елис ја развила програмата Системи за траума терапија, модел на третман на трауматизирани деца што експлицитно се осврнува на интеракцијата на социјалните-еколошки стресови со капацитетот на детето за регулирање на емоциите. Овој модел емпириски докажува дека со порастот на поддршката на семејствата се намалуваат симптомите кај децата.

            Овие сознанија се од големо значење за нашата држава за развивање на програми за работа со деца и семејства кои доживеале траума и добивање на адекватна психосоцијална  поддршка за побезбедно опкружување на децата и нивно адаптирање кон новите услови.

            Државниот совет за превенција на детско престапништво афирмативно се произнесува во однос на прифаќање на искуства произлезени од научни истражувања кои се практично проверени и кои даваат позитивен ефект во работа со деца и семејства кои имаат трауматски искуства  и нивно имплементирање во нашата средина.

Top