Средба „Заштита на правата на децата жртви на насилство“

Информација од учество на работна средба на тема „Заштита на правата на децата жртви на насилство“

Преставници на Државниот совет за превенција од детско престапништво на покана од Здружението на млади правници   учествуваа  на работна средба на тема  „Заштита на децата жртви на насилство“, која се одржа на 15.11.2018 година во Скопје. На средбата присуствуваа претставници од релевантните институции задолжени за заштита на правата и интересите на децата – МТСП, МВР, МП, претставник од Канцеларијата на Народниот правобранител, претсатвник од Канцеларијата на УНИЦЕФ  и членови на ДСПДП.

    Целта на работната средба беше преку стручна дебата да се  утврдат потребните промени и следни чекори во насока на подобрување на националното  законодавство кое се однесува на заштитата на децата,  со посбен акцент на Законот за правда за децата, како и другите важни законски и подзаконски  акти.

Работната средба  ја отвори и водеше Светлана Црвенковска – претставник од Здружението на млади правници која на самиот почеток ги информираше присутните дека оваа средба е во рамки на проектот  „Секое дете ги заслужува своите права – Сите деца се добро“, кој е дел од глобалниот проект „ Заштита на децата од насилство и унапредување на социјалната инклузија на децата со попреченост во Западен Балкан и Турција“.  Црвенковска  во своето обраќање даде краток преглед на реализираните активности од страна на здружението, зборуваше за изготвената компаративна анализа на законодавство, за предлозите и препораките за измени и дополнувања на националното законодавство и подзаконските акти  кои се однесуваат на спречување и заштита на децата од насилство. Исто така Црвенковска ја истакна и потребата од дефинирање на поимот – најдобар интерес на детето, што всушност  претставува овој принцип, неговото  определување, критериуми за интерпретација и  дадените предлог дефиниции.  Меѓу другото беше  истакната  и  потребата од дефинирање на нови форми на насилство во КЗ,  потребата  од остварување на правото на бесплатна правна помош, негово дополнување и усогласување, измените и дополнувањата во Законот за основно и средно образование, техничкото усогласување на Законот за социјална заштита и потребата од зајакнување на човечките ресурси и нивна едукација во областа. 

        Претставникот од здружението, Јасна Оровчанец – Анџеловиќ информираше за тековните  активности на здружението, за обуките кои се реализираат во Академијата за судии и јавни обвинители и  за неопходната потреба од хармонизација на законската регулатива.  Оровчанец го претстави  моделот на сигурни-безбедни куќи  тн. модел – БАРНАХУС кој всушност значи куќа за деца и кој како модел се практикува во повеќе европски земји и истиот е признаен како водечки меѓусекторски модел за заштита на децата жртви и децата сведоци на насилство. Овој модел се базира на еден сеопфатен пристап каде на едно место со детето кое е жртва на насилство работат сите  клучни чинители во процесот. Основно за овој модел е тоа што истиот вклучува почитување на детските права, правото да се слушне мислењето на детето, правото на добивање релевантни  информации, сеопфатна и достапна услуга која ги задоволува индивидуалните потреби на детето и семејството. Целта на еден вака сеопфатен  модел е да се избегне  дополнителната виктимизација на детето која кај нас во пракса е доста честа,  а со тоа да се обезбеди резултат кој ќе биде во најдобар интерес на детето. 

     За предлог измените и доплнувања во Законот за судови, ЗПД, ЗКП и други законски и подзаконски акти зборуваше Гоце Н. – претставник од Здружението на малди правници, по што беше отворена дебатата  во која се вклучија голем број од присутните искажувајќи ги своите мислења, ставови предлози и потреби, како и размена и споделување на информации.

Се разговараше за потребата од изготвување на стратегија со акционен план за заштита на децата за 2019 година, за значењето на превенцијата и потребата од превентивни  активности  во кои ќе бидат вклучени децата  уште од најмала возраст.  За време на дебатата присутните отворено разговараа  за бројните  потешкотии и проблеми со кои во текот на своето практично постапување со деца жртви се соочуваат и даваа предлози и препораки за надминување на истите.  Меѓу бројните предлози беше истакната потребата за доследно почитување на правата на децата согласно законските одредби од страна на сите релевантни чинители вклучени во процесот, потребата од терапевтски пристап со детето, воспоставување систем на следење на примена на законските прописи, надминување на проблемите со адвокатите и обезбедување услуги за бесплатната  правна  помош,  решавање  на проблемот со  недостатокот од човечки и материјално-технички средства и многу други коментари, забелешки и предлози.

       На крајот од дебатата од страна на организаторот беше извлечен заклучок  дека сите  предлози  и коментари  ќе бидат сублимирани, дека со оваа дебата не завршуваат активностите, туку напротив и во иднина ќе продолжат активности во кои секако покрај претставниците од институциите ќе биде вклучен и ДС кој е дел од овој процес се до постигнување на нашата заедничка цел  – се во најдобар интерес на детето.    

Top