Тематска расправа: Предлог Закон за средното образование

Државниот совет за детско престапништво на седницата одржата на 18.04.2023 година одржа тематска расправа во однос на новините предвидени во Предлог Законот за средното образование.

Законот за средно образование и обука кој во моментот се применува е донесен во 1995 година. Имајќи предвид дека се поминати повеќе од 27 години од донесувањето на Законот за средното образование, се јави потреба да се донесе нов закон за средно образование. Во текот на изминатите години низа реформи се реализираа во сферата на средното
образование. Се реформираа наставните планови и програми за гимназиско, стручно и уметничко образование.
Во 2007 година се донесе нов Закон за средно стручно образование и обука, по што започнаа и новите реформи на стручното образование поврзани директно со промените и потребите на пазарот на трудот.
Од учебната 2007/2008 година, средното образование стана задолжително за секој граѓанин, се овозможи хоризонтална и вертикална проодност на учениците. За сите ученици, се обезбедуваа бесплатни учебници, бесплатен превоз или бесплатно сместување во ученички домови. Од 2008 година се воведе државна матура во гимназиско и средно стручно образование со четиригодишно траење, а од 2009 година и во средното уметничко образование. Се заокружи процесот на децентрализација преку кој се обезбедуваат средства за целосно финансирање на училиштата. Направени се измени
во Законот за средно образование со коишто се уреди самоевалуацијата и изработката на Програма за развој на училиштата, а се воведе и интегрална евалуација на училиштата.
Истовремено, Стратегијата за образование 2018-2025 година во делот на општото образование ги поставува и следните приоритети: 1. Подобрување на содржината на средното образование. 2. Зголемување на опфатот на учениците и подобрување на инклузивноста и меѓуетничката интеграција во средното образование. 3. Подобрување на капацитетите на човечките ресурси во средните училишта. 4. Подобрување на условите за учење и на квалитетот на образованието.

Со новиот Закон за средно образование, се очекува да се постигнат следните цели на средното образование:  
– постигнување на националните стандарди за учениците во средното образованиe 
– развој на клучните компетенции неопходни за понатамошно образование и активната улога на граѓанинот за живот во современото општество,
– развивање на професионални компетенции неопходни за успешно вработување,
– обезбедување системски пристап за поттикнување на когнитивниот, социо-емоционалниот и психомоторниот
 развој на ученикот согласно со неговите развојни карактеристики, потенцијали и афинитети,  
– развивање самодоверба и свест кај ученикот за сопствената индивидуалност и одговорност за своите постапки,  
– развивање свест кај учениците за припадност на Република Северна Македонија и негување на  националниот, граѓанскиот, етничкиот и културен идентитет,  
– подготвување на ученикот за одговорен живот во слободно, граѓанско и демократско општество,
– развивање на способности и вештини за истражување, експериментирање, решавање на проблеми и критичко размислување,
– оспособување за  доживотно учење,  
– да им обезбеди на учениците од сите возрасти пристап до висококвалитетно и инклузивно образование и обука за климатските промени и писменост, биодиверзитетот и одржливоста, 
– поттикнување и поддршка на пристапите за одржливост, вклучувајќи планирање и управување со активно вклучување на учениците и кадарот, управување со згради и ресурси и партнерства со локалните и пошироките заедници и развој на зелените компетенции кај младите и
– унапредување на здравиот начин на живеење и воспитување за преземање одговорност за сопственото здравје.  
Со новиот Закон за средното образование, се дефинира средното образование како институционално, кадровски и содржински организирано на начин кој овозможува образование за сите ученици во средното образование, вклучително и за деца/лица со странско државјанство или деца/лица без државјанство, формирање на инклузивни
тимови и поддршка за ученици со попреченост.
За прв пат се воведува кариерно советување, кариерен советник и координатор за практично образование, дигитални вештини, квалификации стекнати по завршување на средното образование
Со новиот закон се воведува и нова Концепцијата за испити на крајот на средното образование, влезен академски тест, стручна матура.
За прв пат во средните училишта се овозможува ученичко организирање и учество, кое недостасуваше во средното образование, и беше дефинирано како јаз помеѓу основното и високото образование, имајќи во предвид дека исто е дефинирано и во Законот за основното образование и во Законот за високото образование.
Донесувањето на нов Закон за средно образование е определено и со Годишниот план за работа на Министерството за образование и наука.
Како земја кандидат за членство во ЕУ, државата ги следи препораките на Советот на ЕУ. Со новиот закон ќе бидат опфатени некои од овие препораки и тоа: Препорака на Советот од 24 ноември 2020 година за стручно образование и обука (СОО) за одржлива конкурентност, социјална правичност и издржливост; Резолуција на Советот за нова европска агенда за учење на возрасни 2021-2030 година; Препорака на Советот од 29 ноември 2021 година за хибридни иновативни
пристапи за учење за висококвалитетно и инклузивно основно и средно образование; Препорака на Советот од 16 јуни 2022 година за Европски пристап кон микро-акредитиви за доживотно учење и вработливост 2022/C 243/02
Новиот Закон за средно образование е усогласен и со Законот за националната рамка на квалификации.
Со цел да се постигнат стратешките цели и определби за модернизација на системот на средно образование и обука и земајќи ја во предвид фактичката состојба, јасно и недвосмислено се забележува потребата за донесување на целосно нов Закон за средно образование.

Top