Изложба на фотографии на децата од малите групни домови

На 04. Јули 2019 година, во Национална галерија – Чифте Амам, Скопје се одржа фотографска продажна изложба “Nos Creare” подготвена од  страна на децата од малите групни домови. На изложбата присуствуваа децата од малите групни домови кои се автори и креатори на фотографиите, нивните воспитувачи, како и многу други нивни пријатели, поддржувачи и претставници од институциите и граѓанскиот сектор. На настанот присуствуваа и министерката за труд и социјална полиика Мила Царовска, министерот за образование Арбар Адеми, како и преставници од меѓународните организации, UNICEF и амбасадите. Претставници од Државниот совет за превенција на детско престапништво беа Розалита Дојчиновска, Тања Кикерекова и Невена Петровска.

На изложбата беа претставени 28 уметнички фотографии коишто на фото- сафари работилница изминатата половина година ги фотографираа деца од малите групни домови. Фотографиите кои не се продадоа, ќе продолжат да се продаваат и може да се видат на инстраграм профилот nos.creare, а од идната недела и на веб страницата www.creative.com.mk. Собраните средства ќе се искористат за купување на фотографска опрема и компјутери. На овој начин се создаваат услови децата да учат нови вештини и да креираат нови дела, но воедно и слободното време да го поминуваат во позитивни активности и содржини.

Децата кои до неодамна живееја во институции, со процесот на деинституционализација се сместени во пет мали групни домови во градов кои ги исполнуваат сите услови за правилен и позитивен раст и развој, а нивниот напредок и позитивните ефекти може да се видат и преку оваа изложба. 

Државниот совет за превенција на детско престапништво афирмативно се произнесува во однос на започнатиот процес на деинституционализација и дава целосна поддршка во збогатување на едукацијата на овие деца, задоволување на нивните интереси и афинитети, развивање на вештини и воопшто за нивна благосостојба.

 Државниот совет за превенција на детско престапништво во иднина ќе преземе и конкретни активности за поддршка на децата во делот на подобрување на квалитетот на нивниот живот, образование, исполнување на слободното време и развивање на вештини, а во насока на нивниот  позитивен процес на социјализација.

Top