Пресуда Х и Y против РСМ (05.11.2020) – повреда на чл. 3 поради неефективна истрага за полициска бруталност

CASE OF X AND Y v. NORTH MACEDONIA, (Application no. 173/17)

Европскиот суд за човековите права утврдил дека има повреда на членот 3 од Конвенцијата заради неуспехот на властите да спроведат ефективна истрага за наводите на апликантите за полициска бруталност, но оценил дека не е повреден членот 3 од Конвенцијата за наводна полициска бруталност.

Факти за настанот:
Настанот се случил на 19 мај 2014 година, кога Х имал 16, а Y имал 13 години. Двајцата се од ромска националност. Повод за настанот бил напад врз дваесетгодишна жена којашто била удирана со тупаници, клоци и закани со нож од двајца млади момчиња на улица во Скопје во близина на ромска населба. Напаѓачите и ја украле чантата. Нападната во полиција дала опис на сторителите, по што било издадено итно предупредување до сите полициски патроли.
Во 20.30 часот, во близина на местото на нападот, четворица полицајци припадници на единицата „Алфа“ пресретнале лице (подоцна идентификувано како апликант Х), бидејќи тој одговарал на профилот на еден од напаѓачите вклучени во претходно пријавениот инцидент. Како што е наведено во извештајот на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди МВР, за време на апсењето не била употребена сила против Х, кој соработувал со полицијата.
Во 20.40 часот нападнатата заедно со полициските службеници пристигнале на местото на настанот и таа го идентификувала лицето (Х) како еден од напаѓачите. Во 21.10 часот Х бил „лишен од слобода“ поради сомневање за разбојништво. Според полициските записи за тој ден, на Х не се пронајдени предмети поврзани со разбојништвото и тој беше предаден на други одговорни полициски службеници од полициска станица во „добра психолошка и физичка состојба“. Таткото на Х, бил повикан во полициската станица, каде и двајцата, во присуство на адвокат по службена должност, потпишале записник дека немале поплаки во врска со однесувањето на полицијата и не барале правна и медицинска помош. На интервјуто, Х го признал разбојништвото, но тој не го открил идентитетот на неговиот соучесник, по што следниот ден на 20.05.2014 окол 12 часот Х бил ослободен. Полициски записи во однос на Y нема.
Двете деца твделе дека биле пресретнати на улица и претепани од полицајци со тупаници и со шлаканица по лицето и удирани со клоци.

Медицински наоди во однос на Х
На 20.05.2014 година во 14 часот Х бил примен во скопска болница и според медицинската евиденција од тој датум и лекарското уверение издадено од истата болница од 4 јуни 2014 година, на Х му била дијагностицирана модринка (нагмење) на главата, вратот и градите (и гребаници на градите). Рендгенски преглед од 20.05.2014 година забележа „уредени наоди“ (уреден наод) и отсуство на „трауматски промени на скелетот на главата, градите и ‘рбетот на вратот“. Медицинското уверение констатирало „телесна повреда“. Во записите е забележано дека, како што објаснил Х, тој бил физички нападнат од полицијата и удрен по главата, вратот, градите и стомакот.

Top