Извештај од регионална конференција „Проширување на акцијата за ставање крај на насилството врз децата во Западен Балкан”

На ден 28 и 29.12.2019 година во Скопје во организација на Владата на РСМ и UNICEF се одржа Регионалната конференција „Проширување на акцијата за ставање крај на насилството врз децата во Западен Балкан“.

Конференцијата ја отвори претседателот на РСМ, г-дин Стево Пендаровски, г-ѓа Патриција ди Џовани претставничка на УНИЦЕФ, г-дин Самуел Жбогар  шеф на Делегацијата на Европската унија.  Во продолжение се одржаа неколку панел дискусии со присуство на министри, меѓународни и национални експерти во дискусијата за создавање основа за сигурно поврзување и квалитетни врски – важноста на скринингот за негативни искуства од детството, на програмите за родителство и на специјализираните услуги за спречување траума. Се отвори дискусија и се споделија сознанија за прекинување на меѓугенерациското пренесување на насилството и како да им се  помoгне на старателите да изградат цврста и сигурна поврзаност со децата.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска во своето обраќање потенцираше дека важно е да го слушнеме гласот на секое дете, да им помогнеме, да ги поддржиме, бидејќи нивните гласови се темелите врз кои треба да ги креираме идните политики.  Затоа со обемната реформа и деинституционализација денес веќе нема деца до три години во институција, а до крајот на годината сите деца до 18 години ќе бидат сместени во згрижувачки семејства или мали групни домови.

На панел дискусијата своите искуства за соработката на институциите за интегрирана детска заштита ги споделија и претставниците од Црна Гора, Србија, Албанија, Вишиот регионален советник за детската заштита на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија, Арон Гринберг и првата дама Елизабета Ѓоргиевска којашто зборуваше од искуство на лекар.

Целта на конференцијата беше да се поттикне љубов за секое дете, односно да се стави крај на насилството со тоа што општеството и институциите ќе имаат нулта толеранција за истото. Конференцијата заврши со потпишување на заложба за борба против насилство од страна на министрите Мила Царовска, Рената Десковска, Оливер Спасовски, Арбер Адеми и Венко Филипче.

На конференцијата присуствуваа и преставници на Државниот совет за превенција на детско престапништво Невена Петровска, Цена Чаловска, Ваљдета Вукељ, Љупка Угриновска, Азиме Адеми и Розалита Дојчиноска.

Top