За ДСПДП

Повеќе информации за Државен совет за превенција на детско престапништво

Државниот совет за превенција на детско престапништво е формиран во декември 2009 година од страна на Собранието на Република Македонија и од тој период до денес активно ги извршува своите надлежности согласно Законот за правда за децата. Членовите во Државниот совет се професионалци, стручни и научни работници, вработени во државни и јавни установи, приватен сектор или претставници на граѓанските здруженија. Ангажманот на избраните членови во советот е задолжителен, со мандат од 5 години, но тоа е нивна дополнителна активност, зависно од Програмата за работа на Советот, условите за работа и ангажманите кои им се делегираат од страна на Советот.

Државниот совет е самостоен и независен во вршењето на работите определени со Законот за правда за децата. Државниот совет ги има следниве надлежности:

  • донесува Национална стратегија за превенција на детското престапништво,
  • донесува годишни програми и планови за остварување на програмата,
  • донесува Деловник за својата работа,
  • предлага средства во предлогот на буџетската пресметка на Министерството за правда потребни за неговата работа,
  • дава иницијативи за подобрување на законските решенија и мислења за предлози на закони од значење за заштитата на правата на децата и спречувањето на детското престапништво,
  • покренува иницијативи за пошироко запознавање на граѓаните со правата на децата и расправи за здраво семејство, за заштита на децата од наркоманија, алкохолизам и други болести на зависност, за проблемите на образованието и воспитувањето, за односот на средствата за јавно информирање и за другите фактори што влијаат врз спречувањето на детското престапништво,
  • иницира истражувања и студии за проблемите на детското престапништво,
  • соработува со меѓународни организации и тела, ангажирани во заштитата на правата на детето и спречувањето на детското престапништво,
  • подготвува годишни извештаи за својата работа и за состојбите во областа на правата на детето и детското престапништво, кои ги доставува до Собранието на Република Северна Македонија и Владата на Република Северна Македонија, Судскиот совет и Врховниот суд на Република Северна Македонија, кои се должни да ги разгледаат и да преземат соодветни мерки и активности, согласно со своите надлежности и
  • дава мислење на Програмата за обештетување на деца жртви на кривични дела на годишно ниво.

Советот е составен од 15 члена кои ги избира Собранието на Република Северна Македонија со мандат од пет години, со право на повторен избор од кои:

  • седум члена на Државниот совет ги предлага министерот за правда и се претставници од Министерството за правда, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование и наука, Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, Врховниот суд на Република Северна Македонија и Адвокатската комора на Република Северна Македонија и
  • осум члена на Државниот совет се избираат по пат на јавен оглас, од редот на истакнати научни и стручни работници кои работат на заштитата на интересите на децата од кои еден претставник е од редот на невладините организации за заштита на децата.

Државниот совет редовно одржува седници. Покрај членовите на Советот, во работата на Советот и на седниците редовно учествува претставникот од Канцеларијата на Народниот правобранител и на канцеларијата на UNICEF во Рeпублика Северна Македонија.

Државниот совет има седиште во Министерство за правда, во Скопје.

Средствата за остварување на Програмата на Државниот совет се обезбедуваат во рамките на финансиските средства од буџетот на Министерсво за правда.

Органите на државната управа, судовите, јавните обвинителства, како и правни лица што вршат јавни овластувања во областа на образованието, воспитувањето и заштитата на децата се должни да соработуваат со Државниот совет во остварувањето на неговите функции. Исто така, општинските совети за превеницја на детско престапништво кои треба да се именуваат од Советите на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје донесуваат годишни програми за својата работа и најмалку еднаш годишно го известуваат  Државниот совет за превенција на детско престапништво.

Покрај донесување на Националната стратегија за превенција на детско престапништво и нејзино следење, значајно е да се истакне дека Државниот совет воспостави систем на собирање на податоци во делот на правда за децата од сите ресорни институции односно унапреден е системот на собирање на податоци преку индикаторите за следење на примената на Законот за правда за деца. Секоја година врз основа на податоците добиени од сите институции, Државниот Совет доставува извештај до Собранието на РСМ за состојбата со детското престапништво и препораки за подобрување на состојбата во делот на превенција. Преку собирање и анализа на податоците добиени врз основа на овие индикатори се мери ефикасноста на спроведувањето на Законот за правда за децата. Воедно, се оценува и подготвеноста на институциите за собирање и обработка на релевантните податоци за правда за децата. Податоците од овие индикатори не само што го покажуваат степенот на имплементација на законот туку се и солидна алатка за креирање на превентивните политики на органите во системот на правда за децата.

Top