Државен совет за превенција на малолетничко престапништво работи на заштита на правата на детето
Скопје, 14 април (МИА) – Државниот совет за превенција на малолетничко престапништво покренува иницијативи за запознавање на граѓаните со правата на малолетниците, иницира истражувања и студии за проблемите на малолетничкото престапништво, a соработува со меѓународни организации и тела ангажирани за заштита на правата на детето и за спречување на малолетничкото престапништво, истакна на денешната прес-конференција претседателот на Државниот совет, Владимир Ортаковски.
Тој информира дека Советот е ново тело основано со Законот за малолетничка правда, составено од 15 члена, кои ги избира Собранието, со мандат од пет години. Од 15-те члена, седум предлага министерот за правда, и тоа се претставници од министерствата за правда, за труд и социјална политика, за образование и наука, за внатрешни работи, претставник од Јавното обвинителство, од Врховниот суд и од Адвокатската комора. Осум члена на Државниот совет се избираат на јавен оглас, од редот на истакнати научни и стручни работници кои работат на заштита на интересите на малолетниците, и има еден претставник од НВО за заштита на децата.
Ортаковски истакна дека на седница на Собранието, одржана на 16 ноември е донесена одлука за избор на членовите на Државниот совет, а конститутивната седница е одржана на 27 ноември 2009.
Тој додаде дека Советот ќе подготвува годишни извештаи за својата работа и за состојбите во областа на правта на детето и малолетничкото престапништво и ќе ги доставува до Собранието, Владата, Судскиот совет и Врховниот суд, кои, како што рече, се должни да ги разгледаат и преземат соодветни мерки.
Досега се одржани осум седници, а на последната е донесена Програма за работа за следните пет години и Акциски план за работа во 2010 година.
Членот на Советот Миле Гиновски соопшти дека од конституирањето на Државниот совет досега работеле на подготовка и донесување на Програма за работа на Државниот совет за превенција од малолетничко престапништво.
Во Програмата, како што рече, поважни активности се истражување и анализа на состојбите со малолетничкото престапништво во државата, преку утврдување на факторите, одржување тематска расправа за проблемот со малолетничко престапништво, со учество на домашни и странски експерти, а во завршна фаза е и Компаративна анализа за состојбите со малолетничкото престапништво во Македонија, одржување информативно-едукативни регионални работилници со ЗЕЛС и со сите градоначалници, одржување работни средби со министерствата за труд и социјална политика, образование и наука, првда и МВР и средби со менаџерските тимови на сите основни и средни училишта во државата.