Овогодинешната глобална кампања го нагласува значењето од унапредување на мерките и активностите во делот на превенцијата и воспоставувањето на ефективна меѓуинституционална соработка, со посебен фокус на заштитата од дигиталното насилство.
Обединетите нации истакнуваат дека дигиталното насилство е вистинско и реално насилство и дека неговото присуство на онлајн платформите е сериозна и брзорастечка закана поради слабостите на регулативата во оваа сфера, неказнивоста на дигиталните платформи и несоодветната инкриминацијата на овој вид агресија која е насочена и против децата.
Воедно, загрижувачки е трендот на новите и брзорастечки форми на злоупотреба со употреба на вештачка интелигенција, движењата што се спротивставуваат на родовата еднаквост, анонимноста на сторителите и ограничената поддршка на жртвите на дигиталното насилство.
Во оваа насока, кампањата има за цел обединување и мобилизација на сите релевантни фактори против дигиталното насилство врз жените и девојчињата, континуираните напори за искоренување на ова насилство и давањето на конкретна помош на жртвите.
Од аспект на родово базираното насилство особено загрижува фактот што токму децата се жртви на семејното насилство и што осособено девојчињата се најчестите жртви на родово базираното насилство.
Неопходен е интегриран систем за поддршка и заштита на децата жртви на семејното, родово базираното и дигиталното насилство, подигнување на јавната свест и одговорност, како и развивање на ресурсите на национално и локално ниво со што ќе се обезбеди соодветна превенција, пристапност, третман и заштита.
Во рамки на глобалната кампања „16 дена активизам против родово базираното насилство“, Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за деца, истакнува дека заштита на децата од насилство и од кој било облик на загрозување на нивните слободи и права, може да се оствари со интензивна меѓуинституционална соработка, доследно почитување на законските одредби и начела за обезбедување на најдобриот интерес на детето и применување на меѓународно утврдените стандарди.
Најдобриот интерес на детето, како една од основните заложби на Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за деца, подразбира постапување и одлучување на начин што приоритет и примарно значење ќе имаат законски загарантираните права и интереси на детето.
Сите специјализирани органи опфатени со Законот за правда за децата се должни да вложат посебно внимание во насока на заштитата на децата и остварувањето на нивниот најдобар интерес, особено во поглед на превенцијата и елиминацијата на сите форми на насилство.
Во оваа смисла, потребна е доследна примена и на законските одредби од кривичната област и заштитата од родово-базирано насилство во согласност со стандардите на Меѓународната конвенција за правата на детето, Истанбулската конвенција, Европската конвенција за заштита на човековите права, односно на целокупниот корпус на меѓународни акти кои ги заштитуваат правата на децата како човекови права.
За потребата од ефективна заштита на децата и остварувањето на правдата за децата, најдобро говори и пресудата на Европскиот суд за човековите права за случајот „К.М. против Северна Македонија“ од 2025 година кој се однесува на неуспехот на државата да обезбеди ефективна заштита на четиринаесетгодишно девојче од сериозните дејствија на сексуална злоупотреба и полово вознемирување, со што е сторена повреда на членот 8 од Европската конвенција за заштита на човековите права.
Со тоа се загрозени фундаменталните вредности и суштинските аспекти на приватниот живот бидејќи државите, вклучително и Република Северна Македонија, се должни да обезбедат ефикасно казнување на половата злоупотреба на деца и дека ќе се воспостават законски одредби и механизми кои ќе се применуваат во практиката преку ефективната истрага и гонење.
