Внимателно со префрлање на штитениците од ВПД во новиот објект во Волковија

Државниот совет за превенција на детско престапништво го поздравува отворањето на новиот објект на ВПД во близината на с. Волковија и ги поддржува сите напори на директорот на Управата за извршување санкции, г-дин Јовица Стојановиќ да се изнајде соодветно решение за ВПД со цел да се спречи постојано преместување на децата во различни пенитенцијарни установи во државата.
Сепак, Државниот совет е на став дека не смее да се брза со префрлање на штитениците во новиот објект во Волковија поради фактот што не се исполнети потребните услови и префрлањето е поголем ризик за децата, одошто нивна заштита и згрижување.
Во оваа смисла, Државниот совет во целост се согласува со Мислењето на Народниот правобранител, како и ставот на Директорот на ВПД Тетово, г-дин Зоран Стојановски, којшто укажува на потребата од исполнување на неопходните услови пред префрлање на штитениците од Домот и јасно изразува несогласување со настојувањето во истиот објект да бидат префрлени и штитениците од ВПД и децата кои издржуваат казна затвор во Затворот Охрид.
Државниот совет смета дека пред префларање на штитениците од ВПД неопходно е да се обезбедат соодветни кадровски, материјални и логистички услови, инфраструктурни предуслови, но и обезбедување образование и здравствена заштита за штитениците како главни предуслови по коишто треба да се размислува за префрлање на штитениците.

Top