Светски ден на детето

Денеска ширум светот се одбележува Светскиот ден на детето како глобален ден на УНИЦЕФ кој го прокламира значењето од подигнување на свеста и унапредувањето на правата на децата, утврдени во Конвенцијата за правата на детето усвоена на 20-ти ноември 1989 година.
Конвенцијата за правата на детето ги дефинира основните права на секое дете, втемелени на Декларацијата за правата на детето, усвоена од Генералното собрание на Обединетите нации на 20-ти ноември 1959 година.

Потребата од заштита на правата на децата произлегува од фактот дека тие претставуваат високо ранлива општествена група, која лесно може да биде изложена на злоупотреба и насилство.

Оттука, одбележувањето на Светскиот ден на детето преставува манифестирање на посветеноста кон правата на децата преку обезбедување соодветни акции и платформи за децата како можност за изразување на своите идеи и инклузија на активностите кои ќе инспирираат колективен поттик за иднина во која децата се заштитени.
На децата им е потребен развој во хармонија и во атмосфера на среќа, љубов и разбирање, како и воспитување во општеството засновано на духот на идеалите прокламирани во Повелбата на Обединетите нации, а особено во духот на мирот, достоинството, толеранцијата, слободата, рамноправноста и солидарноста.

Во рамки на глобалното одбележување на Светкиот ден на детето , Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за деца го истакнува и афирмира значењето од преземање на континуирани активности согласно принципите за остварување на најдобриот интерес на децата и заштитата на нивните права загарантирани во меѓународната и националната регулатива.

Top