Работна средба на тема „Малолетнички бракови“

Информација  за присуство на Работна средба на тема  „Малолетнички бракови“

На покана на  Националниот демократски институт (НДИ), на 13.12.2018 година, член на ДСПДП  присуствуваше на работна средба на тема „Малолетнички бракови“  која се одржа во Собранието на Република Македонија – Едукативен Центар. Работната средба беше организирана од страна на  Клубот на пратенички,  во соработка со Здружението РОМА СОС од Прилеп. Покрај големиот број на пратенички на средбата присуствуваа и претставници од надлежните институции –Министерство за правда, Министерство за труд и социјална политика, Министертсво за образование и наука, Министерство за внатрешни работи и Министерство за здравство.

    Целта на работната средба беше презентација на наодите од истражувањето на Здружението РОМА СОС и потребата од измени, усогласување и дополнување на  законската регулатива особено Кривичниот Законик, Законот за семејство и Законот за основно и средно образование.

       Работната средба ја отвори  и  водеше Ѓулумсер  Касапи, координаторка на Клубот на  пратенички.  Касапи ја поздрави иницијативата на СОС РОМА за отварање на ова суштинско прашање кое укажува на повреда на правата на децата и ја повика извршната директорка Несиме Салиовска да ги изнесе наодите, заклучоците и препораките од истражувањето.

   Салиовска зборуваше за недостатокот на разбирање по однос на ова прашање, за недоволната посветеност од страна на релевантните институции, отсуството на координација, за нееднаквоста, последиците врз развојот на децата, за нехармонизираното законодавство и  неопходната  потреба од измени и дополнувања на истото, но и за надминување на проблемот. 

   Цветанка Иванова, генерална секретарка на Собранието на РМ зборуваше за правната рамка, истакнувајќи дека иако постои законска рамка, сепак децата не се доволно заштитени. Како пример го посочи членот 197 од Кривичниот Законик – Вонбрачен живот со дете, кој не само што не ги заштитува туку и ги прекршува правата на децата кои наполниле 16, а не наполниле 18 години. Без измена на овој член од Кривичниот Законик не можеме да очекуваме запирање на детските бракови. Покрај Кривичниот Законик, измени се потребни и во Законот за семејство и Законот за основно и средно образование.

    Самка Ибраимовски, министер без ресор истакна дека со оваа појава се соочуваат сите граѓани, а не  само ромите и наведе дека одговорноста за заштита на правата и интерсите на децата ја гледа во државата која преку законски одредби треба да ја оставрува заштитата на децата.

    Своите ставови, мислења и предлози беа искажани од страна на поголем број пратенички присутни на средбата кои не отстапувваа од претходно искажаните гледишта. Сите пратенички  кои зедоа збор се согласија дека оваа појава со себе носи бројни ризици и последици во развојот на една млада  личност, дека институциите се ограничени во своите постапки и дека сите сме должни и одговорни да дадеме придонес во намалувањето и  сузбивањето на детските бракови, поради што е неоходна потребата од измени во законската регулатива.   

     Претставници од  институциите кои присуствуваа на работната средба говореа за ингеренциите и надлежностите во рамки на институцијата, за реализираните и планирани активности, но и за слабостите, пропустите и потребата од зајакнување на  меѓуинституционална соработка на локално и регионално ниво.

Како една од слабостите на системот која беше посочена во повеќе наврати од страна на присутните беше отсуството на систем за собирање податоци. Беше истакнато дека дел од детските бракови воопшто не се регистрирани, за истите нема официјални податоци, а училиштата немаат информации за причините поради кои детето го напуштило школувањето. Исто така во повеќе наврати беше посочена и потребата на прецизно дефинирање на состојбата на дете во ризик.

    Поздравувајќи ја иницијативата за отварање на оваа тема, истражувањето и анализата  на  СОС  РОМА и секако поддршката на пратеничките, се вклучив во дискусија и од името на ДСПДП зборував за улогата, надлежностите и мисијата на ДСПДП.  Во однос на темата  го пренесов ставот на ДСПДП напоменувајќи дека членови на советот  зедоа учество и на јавната дебата, ги поддржаа предлог измените на законската регулатива и доставија свои предлози и дека на една од седниците на советот како посебна тематска единица се разгледуваше состојбата со детските бракови. Советот ги поддржува сите активности и програми кои се во најдобар интерес на децата и секогаш е подготвен за соработка со цел обезбедување заштита на правата и интересите на децата.

     Во однос на дефинирање на состојбата на дете во ризик, упатив апел до претставниците на надлежните институции секогаш кога ќе се соочат со одредена потешкотија во дефинирање на поимите или постапувањето, да го имаат во предвид Законот за правда за  децата во кој е дефинирано што е дете во ризик , дете во судир со законот и дете жртва.

Top