ИНФОРМАЦИЈА за посетата на ВПД-Тетово со локација во Истражниот затвор Скопје
Државниот Совет за превенција на малолетничко престапништво (во понатамошен текст: Советот) на 25 мај 2010 година во рамките на своите програмски активности го посети Воспитно-поправниот дом со локација во Истражниот затвор-Скопје за поблиско запознавање со условите и третманските активности во оваа установа.
На средбата, од страна на Советот беа присутни проф. д-р Владимир Ортаковски, Наим Цами, Лефкија Гажовска, Дана Миловановиќ, м-р Весна Стојковска и Биљана Коцарева. Директорот на ВПД информираше за состојбата во домот и притоа на прашањата на претставниците на Советот во врска со начинот на кој се остварува процесот на ресоцијализација како основна цел на воспитната заводска мерка беше истакнато следново:
- домот организира основно образование со посета на наставници од вечерното училиште „Макаренко“;
- не се организира средно образование за воспитаниците и покрај тоа што истото е задолжително;
- не постојат услови за стручно усовршување на малолетниците;
- слободниот простор на штитениците е одвоен со висока жица за да нема физички контакт со полнолетните осудени лица;
- постојат две групи за третман според стореното дело и возраста на штитениците;
- донесена е одлука на Владата дека привремено, до изградба на новиот ВПД во близина на Тетово, постоечкиот ќе се дислоцира во воспитната установа „Ранка Милановиќ“.
Во врска со последната информација, директорот на ВПД-Тетово смета дека е несоодветно решение бидејќи проблемот од Затворот во Скопје само ќе се префрли во воспитната установа, поради тоа што во таа установа се сместени и деца под 14 години кои немаат криминално досие, како и тоа дека се сместуваат и девојчиња врз кои може негативно да се влијае од страна на малолетните престапници.
Во рамките на посетата беа разгледани и просторните капацитети на домот. Притоа, од страна на директорот беше истакнато дека во рамки на домот постојат можности за сместување на 24 деца, поради што има малолетници кои чекаат да бидат упатени во домот по ослободување на празно место. Во разговор со штитениците, тие забележуваа за ограничениот слободен простор и за немањето работа како дел од процесот на воспитување и превоспитување. На крајот на посетата, проф. д-р Владимир Ортаковски истакна дека Државниот совет ќе испрати информација до Владата за остварената средба, со препораки за подобрување на условите во ВПД.
Во рамките на програмските активности содржани во Акциониот план за 2010 година, претставници на Државниот совет остварија непосредни средби со:
- претседателот на Врховниот суд на Република Македонија, Јово Вангеловски на 26 мај 2010 година во просториите на Врховниот суд. На оваа средба од страна на Државниот совет учествуваа: проф. д-р Владимир Ортаковски, Роза Георгиева, Дана Миловановиќ и м-р Весна Стојковска;
- замениците на јавниот обвинител, Клео Бубевска и Лилјана Спасовска, на 25 мај 2010 година, во просториите на Јавното обвинителство. На оваа средба од страна на Државниот совет учествуваа: проф. д-р Владимир Ортаковски, Дана Миловановиќ, Наим Цами и м-р Весна Стојковска.
На средбите, на кои проф. д-р Ортаковски ги изложи надлежностите и програмата на Советот, беше потенцирана потребата за натамошна соработка и за заемно информирање за состојбата на малолетничкиот криминалитет. За таа цел, претседателот на Врховниот суд и заменикот јавен обвинител се согласија, на писмено барање на Советот, да овозможат увид и да достават податоци за регистрираните случаи на малолетничка делинквенција во обвинителската и судската статистика на територија на Република Македонија.
м-р Весна Стојковска
Секретар на Советот
Проф. д-р Владимир Ортаковски
Претседател на Советот