Посета на ВПД Тетово во с.Волковија од претставник на Државниот совет

Членот на ДС, Љуљзим Хамиди на 07.05.2021 година била реализирана работна посета на ВПД Тетово во новиот објект во с.Волковија, општина Брвеница. За време на посетата се остварил разговор со директорот на установата Даниел Антовски, при што од негова страна било посочено дека со Наредба на Министерот за правда децата од 03.05.2021 година се префрлени од КПУ Затвор Охрид во новоизградениот објект на Воспитно-поправниот дом Тетово во с.Волковија, општина Брвеница како и дека според евиденцијата на ВПД на денот на посетата во објектот се наоѓаале 18 штитеници, од кои 16 престојувале во Домот, едно дете е упатено на задолжително психијатриско лекување во специјализираната психијатриска болница во Демир Хисар, а едно дете издржува казна затвор за деца КПУ Затвор Охрид.
Подолу се претставени податоците за бројот штитениците според возраста и националната припадност.

Возраст
14 години – 1
15 години – 2
16 години – 2
17 години – 5
18 години – 3
19 години – 5
Вкупно: 18

Национална припадност
Ромска – 9
Македонска – 4
Албанска – 3
Турска – 2
Вкупно: 18

Во однос на образовниот процес во ВПД-от, од 11.11.2021 година започнат е образовен процес за основно образование врз основа на договор помеѓу УНДП и основното училиште “Гоце Делчев” од с.Стенче, под програмата “Основно образование за малолетници во воспитно-поправните установи”. Според оваа програма се изучуваат предметите македонски јазик, математика и англиски јазик, на соодветно ниво на кое се наоѓа секој штитеник. Наставата се изведува во Домот, во две опремени училници.
Во однос на средното образование тројца штитеници кои го имаат оформено основното образование се запишани во средно училиште и тоа двајца во Државно стручно училиште-Регионален центар за стручно образование и обука, насока хотелско-туристички техничар (едниот е запишан во трета година, а вториот во прва година). Третиот штитеник е запишан во СОО” 8-ми Септември “Тетово.
Во однос на остварување на правото на здравствена заштита, согласно Законот за извршување на санкциите, член 182 став 2,примарна здравствена заштита на децата од ВПД им укажуваат здравствени работници кои се на примарно ниво во рамките на Здравствен дом Тетово. Секојдневно медицинска нега и грижа остварува медицинска сестра која работи 8 часовно работно време, а на повик и за време на викенд и празници. Покрај тоа еднаш неделно децата се прегледуваат од страна на општ лекар, им се пружаат и стоматолошки услуги од страна на стоматолози од општа практика. За таа цел во ВПД-от има опремена амбуланта како и стоматолошка ординација каде се даваат услугите.
За остварување на правото на секундарно и терцијално ниво на здравствена заштита, потпишан е договор со Клиничка Болница Тетово каде децата се носат на преглед и им се даваат услуги од најразлични специјалности, а конкретно тоа што претставуваше проблем – континуирано следење и давање на соодветна медицинска заштита од лекар-психијатар, е надминато со обезбедување на специјалист –психијатар на кој редовно се носат децата на кои им е потребна психијатриска здравствена заштита.
Во однос на остручувањето, децата се распоредуваат по работни групи и тоа: угостител, водоинсталатер, молеро-зидар, котлар и економија, заради стекнување на работни вештини и стекнување со Уверение за вршење на самостојна занаетчиска дејност. Со децата распоредени по работни групи работи инструктор од соодветното занимање. За задоволување на потребите на пазарот на трудот, потребно е вработување на кадар од соодветен стручен профил кој би давал знаања и вештини од занимања кои моментално се актуелни на пазарот на трудот.
Со одделението за третман раководи раководител, стручниот тим го сочинуваат педагог, психолог и социјален работник, а непосредната превоспитна работа ја изведуваат 4 воспитувачи. За задоволување на потребите потребно е вработување на дополнителен кадар од веќе споменатите профил.
Посетата e оценета како корисна, содржајна и пријатна. Објектот во целост е нов, модерен и пријатен за престој на штитениците, а и условите за работа за вработените се добри. Од страна на децата немаше поплаки но имаше задоволство од новата средина и односот кон нив од страна на раководителот на установата и другите вработени.
Колегата Хамиди го сподели својот позитивен впечаток дека директорот и другите вработени имаат визија за уште подобри услови во наведениот ВПД и остварување на уште многу планираните цели.
Иако колегата Хамиди нема информација дали во ВПД-от имаат врботени професионалци за македонски и албански јазик, сепак констатираше дека во ВПД-от се почитува двојазичноста во пишана форма и при комуникацијата.

Top