Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за деца, во соработка со Македонското здружение на млади правници, го означи почетокот на активностите за поддршка на локалните заедници во воспоставување функционални системи за превенција на детско престапништво.
Овие активности се реализираат во рамки на проектот „Младите правници за поприлагоден систем за правда за деца“, финансиран од Европската Унија, и претставуваат значаен чекор кон унапредување на локалните механизми за превенција и заштита на децата.
Во изминатиот период беа одржани повеќе работни средби со претставници на општините, меѓу кои и средба во Општина Штип. На средбата учествуваа претставници на локалната самоуправа, Советот на општината, Центарот за социјална работа и образовните институции.
Преку размена на искуства и ставови беше направено мапирање на постојните ресурси и идентификувани се можностите за понатамошно унапредување на системот за превенција на локално ниво.
Средбите потврдија дека институциите располагаат со значителни капацитети, знаење и посветеност. Со нивно координирано делување и формализирање преку локални совети за превенција на детско престапништво, се создаваат услови за:
- навремена и рана превенција,
- подобрена координација и комуникација меѓу институциите,
- зајакната меѓусекторска соработка,
- поефективни и одржливи резултати во интерес на децата.
Државниот совет и Македонското здружение на млади правници ќе обезбедат континуирана поддршка на локалните совети преку:
- развој на програми и акциски планови,
- воспоставување функционални механизми за работа,
- менторска поддршка преку поврзување со успешни општински практики.
Целта е создавање одржлив систем кој ќе продолжи да функционира и по завршувањето на проектот.
Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за деца останува посветен на унапредување на локалните механизми за превенција, со уверување дека преку координирана и заедничка работа, локалните совети ќе прераснат во ефикасни платформи за заштита и поддршка на децата.
Превенцијата започнува во заедницата – таму се гради и долгорочната отпорност.


