9ти Генерален извештај на ГРЕТА, март 2020 година

https://www.coe.int/en/web/anti-human-trafficking/-/greta-publishes-9th-general-report-on-its-activities

ГРЕТА објави известување за Годишниот извештај на Групата на експерти за борба против трговијата со луѓе (ГРЕТА) за 2019 година.

 

Извештајот покажа дека бројот на лица во Европа кои, според информации од надлежните национални органи на 47 договорни страни, помеѓу 2015 и 2018 година се идентификувани како жртви на трговија со луѓе се зголеми за 44% (во Северна Македонија бројот на жртви изнесува 4 за 2015 год., 6 во 2016 год., 2 во 2017 год. и 9 во 2018 год.).

 

Претседателот на ГРЕТА Д. Деренчиновиќ во воведот на Извештајот, наведе дека во многу држави постојат проблеми во процесот на идентификација што сугерира дека реалниот број на жртви може да биде многу поголем. Се истакнува дека е од клучна важност надлежните органи да ги зајакнат своите напори во решавање на овој проблем и да ја пружат помошта и поддршката на која жртвите имаат законско право.

 

Годишниот извештај особено внимание посветува на идентификацијата на деца-жртви на трговијата со луѓе и мерките за помош што им се пружаат, и дава преглед на примената на споменатата Конвенција во државите врз основа на извештајот од вториот круг на оцена. До крајот на 2019 година, завршен е вториот круг на оцена во 42 од 47 држави потписнички и започнат е новиот круг на оцена (во однос на Северна Македонија, прашалникот ќе биде испратен во септември оваа година, евалуационата посета ќе се одржи помеѓу април и јуни 2021 година, нацрт-извештајот би бил претставен на 42-та седница на ГРЕТА во ноември 2021 година, а конечниот извештај на 43-та средба во март 2022 година)

Извештајот исто така покажува дека нивото на казнување на сторителите на ова кривично дело е и понатаму незадоволително.

 

Меѓутоа, ГРЕТА забележа одредени подобрувања во примената на Конвенцијата, како што е на пр. зголемувањето на бројот на земји со законски одредби кои овозможуваат неказнување на жртвите за извршените незаконски дејствија кои се резултат на фактот дека тие биле жртви на трговија со луѓе. Исто така, зголемен е бројот на земји (вклучувајќи ја и Северна Македонија) кои како кривично дело го третираат користењето на услугите на жртви на трговија со луѓе од страна на оние лице кои знаат дека се работи за жртви.

 

Во извештајот се посочува дека на пленарните состаноци во текот на минатата година, ГРЕТА дискутираше за извештаите кои ги доставиле надлежните органи на одделни земји (вклучително и Северна Македонија) за преземените мерки за исполнување на препораките на Комитетот на договорните страни во контекст на вториот круг на оцена и дека е постигнат договор за прашањата што ќе бидат понатаму дискутирани во тековниот дијалог со властите.

 

Минатата година немаше нови ратификувања на Конвенцијата, а ГРЕТА во Извештајот повторно ја повика Русија, да ја потпише и ратификува Конвенцијата на СнЕ за дејствување против трговијата со луѓе, како единствената земја-членка на СнЕ што сè уште не го сторила тоа со цел одговорот на овие предизвици да биде се-европски.

 

Во прилогот бр. 9 може да се види табеларен приказ на примената на Конвенцијата од вториот круг на оцена во 34 области за кои се повикуваат одделни држави, делумно се повикуваат или се повикуваат да разгледаат мерки.

 

Во прилогот бр. 6 наведена е листата на проекти во Северна Македонија и Србија во рамките на програмата Horizontal Facility. Извештајот е достапен на англиски јазик на https://rm.coe.int/9th-general-report-on-the-activities-of-greta-covering-the-period-from/16809e169e

 

ГРЕТА исто така објави изјава за опасноста од пандемијата во однос на трговијата со луѓе, која што е достапна на https://rm.coe.int/greta-statement-covid19-en/16809e126a.

 

Изјавата укажува на тешкотиите со кои се судираат жртвите на трговија со луѓе, вклучувајќи го и ризикот да станат бездомници, намалување на услугите за поддршка од страна на НВО-ата и опасноста дека невидливите жртви повторно ќе станат предмет на трговија.

ГРЕТА ги потсетува лидерите на нивната правна и морална обврска да не им ги ускратат правата и заштитата на најранливите за време на кризата, кој ги вклучуваат и жртвите на трговија со луѓе. Тие треба да осигураат дека илјадници жени, мажи и деца кои се жртви на трговија со луѓе нема да исчезнат од памтењето, додека се отсутни од видното поле.

Top