Тематска расправа во однос на Извештајот на ЕК за нашата држава за 2022 година во однос на правата на децата

На седницата одржана на 27.10.2022 година, Државниот совет одржа тематска расправа и со внимание го разгледа најновиот Извештај на Европската комисија за 2022 година.
Притоа констатира дека аспектите поврзани со правата на децата треба особено да се нагласат.

Во однос на воспитно-поправниот дом во Волковија:
Подобрени се условите за притвор на момчиња во малолетничкиот воспитно-поправен дом во близина на Тетово. Меѓутоа, во периодот од септември 2021 до јуни 2022 година тие немале пристап до образование. Објектот е оддалечен од градот и поради тоа е непогоден за ресоцијализација и рехабилитација. Девојчињата една година биле во притвор во воспитно-поправниот дом во женското одделение Идризово, затвор што не овозможува соодветна грижа, едукација, ресоцијализација и рехабилитација. Законодавството треба да се измени за да се најде долгорочно решение за воспитно-поправните мерки за девојчињата.

Фундаментални права:

 да обезбеди соодветна поддршка и услуги во заедницата за ранливите категории деца, особено децата жртви на насилство, децата Роми и децата со попреченост.

Владата назначи советник на премиерот задолжен за прашања за инклузија на Ромите. Во учебната 2021/2022 година, 420 деца Роми, од кои 208 потекнуваат од семејства во социјален ризик, посетувале градинки во 15 општини. Во учебната 2021/2022 година, во основните училишта се запишани 1.601 ромско дете на возраст од шест години. Годишната стапка на децата Роми кои го напуштаат училиштето изнесува 4% во основното и 5% во средното образование. Не беа преземени мерки за да се спречи нередовното посетување на децата Роми во основното образование, да се реинтегрираат децата кои не се запишани навреме во училиштата или кои го напуштиле образованието без да го завршат. Нема систематски мерки за решавање на прашањето на децата на улица. Министерот за образование и наука ангажираше 30 ромски образовни медијатори да работат во 17 општини. Сегрегацијата во училиштата и понатаму е на високо ниво.

Заштита од сајбер насилство:
Бројот на евидентирани кривични случаи на сексуално искористување деца на интернет е зголемен за 37,5 % на 11 случаи.

Заштита на правата на децата:
Администрацијата ја измени правната рамка со која се уредува заштитата на правата на детето во согласност со меѓународните стандарди. Сепак, потребен е поширок општествен и меѓупартиски консензус за клучните законодавни реформи за да се премостат правните јазови, следејќи ги потребите и најдобрите интереси на децата. Неусогласеностите помеѓу одредбите од Законот за семејство за посвојување и меѓународните стандарди не се решени. Допрва треба да се подготви акциски план за деца, вклучувајќи доволен буџет и секторски модели за обезбедување ефективни услуги за децата.
Потребни се дополнителни напори за справување со структурните предизвици, како што се недостатокот на ресурси во државните институции што се занимаваат со детските права, недостатокот на стратегиски документи за правата на детето и функционирањето на статутарното тело одговорно за надзор на спроведувањето на Конвенцијата за правата на детето. Треба да се подобрат консултациите со младите во креирањето политики. Има потреба да се подобри соработката меѓу институциите за подобро разбирање и справување со предизвиците со кои се соочуваат различни групи деца, како што се децата со попреченост или децата од ромската заедница.
Во 2021 година до Народниот правобранител биле поднесени 254 поплаки поврзани со прекршување на детските права, од кои девет се однесуваат на деца со попреченост. Народниот правобранител даде 139 мислења, кои беа прифатени во 93 предмета. Сепак, институциите треба да спроведат системски промени по препораките на Народниот правобранител. Најголем дел од поплаките и понатаму ги доставуваат родителите/негувателите, а не самите деца. Националното координативно тело за заштита на децата од насилство донесе Протокол за дејствување на мултисекторските тимови за заштита на децата жртви на злоупотреба, запоставување и насилство. Обезбедена е обука за мултисекторски тимови во 12 градови низ државата.
Сепак, остануваат предизвици за целосно спроведување на Националната стратегија за ставање крај на насилството врз децата (2020 – 2025). Органите треба да одвојат доволно ресурси за системот за заштита на децата за да се справат со зголемените предизвици на онлајн насилството и злоупотребата (сајбер малтретирање). Потребни се дополнителни напори за подигање на свеста за насилството врз децата кај пошироката јавност и кај професионалците за да ја препознаат злоупотребата и да ја пријават. Земјата треба да донесе програми за поддршка на рехабилитација, ресоцијализација или реинтеграција на децата жртви на насилство.
Пандемијата на КОВИД-19 покажа дека дигитализацијата на услугите треба да оди паралелно со зголемените напори за едукација и олеснување на пристапот до овие технологии за ранливите групи, на кои често им недостасуваат дигитални вештини.
И покрај значителната група мерки за социјална и детска заштита за борба против социо-економските последици од КОВИД-19, анализата покажа дека релативната детска сиромаштија е зголемена, ставајќи во ризик дополнителни 19.000 деца. Потребни се понатамошни напори за системот за социјална заштита да се направи почувствителен на децата врз основа на модел на обезбедување услуги насочени кон децата, вклучително и преку зајакнување на професионалниот развој и надзор во обезбедувањето квалитетни услуги за детска заштита. Локалните самоуправи и организациите на граѓанското општество треба да ја подобрат соработката со центрите за социјална работа за да развијат и поддржат нови услуги во заедниците низ целата земја, вклучително и услуги за поддршка на децата во ризик, децата Роми и децата со попреченост што се жртви на дискриминација и сегрегација.
Северна Македонија ја продолжи својата работа за целосно вклучување на децата со попреченост во редовните училишта и во предучилишните установи. Сепак, промената од медицински во социјален модел на процена на попреченоста заснована на човековите права не е систематски воведена. И покрај подобрувањата во законската рамка, акцијата за обезбедување еднаков пристап до образование за децата со попреченост е во рана фаза. Во однос на децата без родителска грижа, се инвестираше за зајакнување на системот за згрижување деца, особено во домовите за згрижување и згрижување во заедницата. Услугите во заедницата и под регионалните центри за помош со згрижувачки семејства беа обезбедени низ целата земја и ниту едно дете сега не останува под институционализирана грижа.
Органите идентификуваа шест деца жртви на трговија со луѓе во 2021 година. Дополнителни пет деца беа идентификувани како потенцијални жртви на трговија со луѓе. Потребни се повеќе мерки за да се осигури дека ранливите деца се заштитени од сексуална експлоатација. Неопходно е да се прошири правната едукација што им се обезбедува на судиите и јавните обвинители за прашања како што се дискриминација врз основа на попреченост, родово и сексуално насилство врз жените и насилство врз деца.
Потребно е систематско спроведување на Законот за малолетничка правда. Пристапот до правдата, правното застапување и капацитетот на јавните службеници што работат со деца жртви, деца сведоци и деца во судир со законот и понатаму се несоодветни. Меѓусекторскиот пристап кон примената на правната рамка треба да биде систематизиран и поедноставен кај професионалците за малолетничка правда. Правната рамка треба дополнително да се ажурира со меѓународни стандарди и директиви на ЕУ, вклучувајќи ја Директивата (EУ) 2016/800 за процесни заштитни мерки за деца што се осомничени или обвинети лица во кривични постапки .

Права на барателите на азил:
И покрај одреден напредок, квалитетот на одлуките за азил останува загрижувачки. Повеќето од лицата на кои им е доделена супсидијарна заштита се ранливи лица и деца без придружба и одвоени деца без соодветно разгледување на основаноста на барањето, туку од хуманитарни потреби.

Право на образование:
Во областа на образованието и културата, Северна Македонија е умерено подготвена. Во извештајниот период во кој сѐ уште траеше пандемијата на КОВИД-19, беше постигнат ограничен напредок. Спроведувањето на Стратегијата за образование 2018-2025 година напредува бавно, како и развивањето соодветен систем за следење.
Препораките од минатата година беа делумно спроведени и поголем дел од нив остануваат важечки. Во наредната година, Северна Македонија треба особено:
 да донесе Закон за стручно образование и обука (СОО) и да формира и активира три регионални центри за СОО;
 да го финализира донесувањето на Законот за образование на возрасни;
 да го подобри пристапот до квалитетно образование за сите, особено за децата со попреченост и децата од ромските заедници, да го зголеми уписот на деца од предучилишна возраст и да продолжи да ја подобрува поддршката за обуки и професионален развој на наставниците.

Top