Комитетот за правата на децата на 29.05.2013 година усвои Општ коментар Бр. 14 (2013) за правото на детето неговите/нејзините најдобри интереси
I. Вовед
A. Најдобрите интереси на детето: право, начело и правило во постапката
1. Член 3, параграф 1, од Конвенцијата за правата на детето, на детето му дава право да бидат проценети неговите/нејзините најдобри интереси и да се земат предвид како да се од најголемо значење во сите постапувања или одлуки кои го засегаат, и во јавната и во приватната сфера. Покрај тоа, тоа ја отсликува една од основните вредности на Конвенцијата. Комитетот за правата на детето (Комитетот) го идентификува член 3, параграф 1, како едно од четирите општи начела на Конвенцијата за толкување и имплементација на сите права на детето,1 и го применува како динамичен концепт за кој е потребно да се направи проценка која е соодветна на конкретниот контекст.
2. Концептот за „најдобрите интереси на детето” не е нов. Тој постои и пред Конвенцијата и претходно беше втемелен во Декларацијата за правата на детето од 1959 год. (параг. 2), Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жената (член. 5 (б) и 16, параг. 1 (г)), како и во регионалните инструменти и многу национални и меѓународни закони.
3. Конвенцијата експлицитно упатува на најдобрите интереси на детето и во останатите членови: член 9: одделување од родителите; член 10: обединување на семејството; член 18: родителски одговорности; член 20: лишување од семејна средина и алтернативно згрижување; член 21: посвојување; член 37(в): одделување од возрасните лица во притвор; член 40, параграф 2 (б) (iii): процедурални гаранции, вклучително и присуство на родителите на судските расправи за казнени дела во кои се вклучени деца во судир со законот. Најдобрите интереси на детето се опфатени и во Факултативниот протокол кон Конвенцијата за продажба на деца, детска проституција и детска порнографија (преамбула и член 8) и во Факултативниот протокол кон Конвенцијата за процедура за комуникација (преамбула и член 2 и 3).
4. Концептот за најдобрите интереси на детето има за цел да се обезбеди целосно и ефективно уживање на сите права кои се признаени со Конвенцијата и холистичкиот развој кај децата.2 Комитетот има истакнато дека3 „расудувањето на возрасно лице за најдобриот интерес на детето не може да преовладува над обврската да се почитуваат сите права на децата од Конвенцијата.” Се потсетува дека не постои хиерархијата на правата во Конвенцијата; сите дадени права се „во најдобар интерес на детето” и ниедно право не може да биде нарушено заради негативното толкување на најдобрите интереси на детето.
1 Општ коментар Бр. 5 (2003) на Комитетот за општи мерки за имплементација на Конвенцијата за правата на детето, параг. 12; и Бр. 12 (2009) за правото на детето да биде слушнато неговото мислење, параг. 2.
2 Комитетот очекува од државите да го толкуваат развојот како „холистички концепт, кој го опфаќа физичкиот, менталниот, духовниот, моралниот, психолошкиот и социјалниот развој кај детето” (Општ коментар Бр. 5, параг. 12).
3 Општ коментар Бр. 13 (2011) за правото на заштита од сите форми на насилство, параг. 61.
CRC/C/GC/14
5. За целосна примена на концептот за најдобрите интереси на детето потребно е да се развива пристап заснован на детските права, каде се вклучени сите чинители, со цел да се обезбеди холистички физички, психолошки, морален и духовен интегритет кај детето и унапредување на неговото/нејзиното човечко достоинство.
6. Комитетот истакнува дека најдобрите интереси на детето се тристран концепт:
(a) Материјално право: Правото на детето да се направи проценка на неговите/нејзините најдобри интереси и на тоа се дава приоритет кога се разгледуваат различни интереси за да се донесе одлука за дадено прашање, и гаранцијата дека тоа право ќе се спроведе секојпат кога се носи одлука која го засега детето, група на идентификувани или неидентификувани деца или генерално децата. Член 3, параграф 1, создава внатрешна обврска за државите и истата е директно применлива (самоизвршна) и на неа може да се повикаат пред судот.
(b) Основно правно начело за толкување: Ако законската одредба дозволува повеќе од едно толкување, треба да се избере толкувањето кое најефективно служи на најдобрите интереси на детето. Правата кои се втемелени во Конвенцијата и Факултативните протоколи ја даваат рамката за толкување.
(c) Правило за постапката: Секогаш кога се носи одлука која засега одредено дете, идентификувана група деца или генерално децата, процесот на одлучување мора да вклучува и оценка на можното влијание (позитивно или негативно) на одлуката врз засегнатото дете или деца. За проценка и одредување на најдобрите интереси на детето неопходни се процедурални гаранции. Покрај тоа, оправданоста на одлуката мора да покаже дека правото било експлицитно земено предвид. Во тој поглед, државите страни треба да појаснат како е испочитувано тоа право во одлуката, односно, што било земено предвид за најдобрите интереси на детето; на кои критериуми се заснова одлуката; и како се одмерени интересите на детето во однос на другите аспекти, независно дали тоа е пошироко прашање на политика или поединечни случаеви.
7. Во овој општ коментар, изразот „најдобрите интереси на детето” или „најдобриот интерес на детето” ги опфаќа трите димензии кои се разработени погоре.
B. Структура
8. Овој општ коментар е ограничен на член 3, параграф 1 од Конвенцијата и не го опфаќа член 3, параграф 2, кој се однесува на добросостојбата на детето, ниту член 3, параграф 3, кој се однесува на обврската на државите да обезбедат дека институциите, службите и капацитетите за деца се усогласени со утврдените стандарди, и дека се воспоставени механизми за да се обезбеди почитување на стандардите.
9. Комитетот ги наведува целите (поглавје II) на овој општ коментар и го дава карактерот и опфатот на обврските на државите страни (поглавје III). Исто така, дава и правна анализа на член 3, параграф 1 (поглавје IV), покажувајќи ја врската со другите општи начела на Конвенцијата. Поглавјето V е посветено на имплементацијата на начелото за најдобрите интереси на детето во пракса, а поглавјето VI дава насоки за дисеминација на општиот коментар.
II. Цели
10. Со овој општ коментар се бара да се обезбеди примена на и почитување на најдобрите интереси на детето од страна на државите страни на Конвенцијата. Тука се дефинираат и барањата за соодветно разгледување, особено во судските и управните постапки како и во други постапувања за детето како поединец, и во сите фази на
CRC/C/GC/14
усвојување закони, политики, стратегии, програми, планови, буџети, законски и буџетски иницијативи и упатства – односно, сите мерки за имплементација – кои се однесуваат генерално на децата или на конкретна група деца. Комитетот очекува дека овој општ коментар ќе ги предводи одлуките на сите оние кои се вклучени околу децата, вклучително и родителите и негувателите.
11. Најдобрите интереси на детето се динамичен концепт кој вклучува различни аспекти кои постојано се развиваат. Овој општ коментар ја дава рамката за проценка и одредување на најдобриот интерес на детето; но, притоа не се прави обид да се пропише што е најдобро за детето во дадена ситуација во даден временски период.
12. Главна цел на овој општ коментар е да се зајакне разбирањето и примената на правото на детето да се оценат неговите/нејзините најдобри интереси и да им се даде приоритет, или во некои околности, тоа да биде од најголема важност при разгледувањето (види параграф 38 подолу). Главната цел е да се промовира реална промена во ставовите кое пак води кон целосно почитување на децата како носители на права. Поконкретно, тоа има импликации при:
(a) Разработката на сите мерки за имплементација од страна на владите;
(b) Поединечните одлуки кои ги носат судските или правните органи или јавните тела преку нивните претставници и тие се однесуваат на едно или повеќе идентификувани деца;
(c) Одлуките кои ги носат телата на граѓанските организации и приватниот сектор, вклучително и профитни и непрофитни организации кои даваат услуги кои се однесуваат на или влијаат на децата;
(d) Упатства за постапување од страна на лицата кои работат со и за деца, вклучително и родителите и негувателите.
III. Карактеристики и опфат на обврските на државите страни
13. Секоја држава страна мора да го почитува и спроведува правото на детето да му бидат проценети и примарно земени предвид најдобрите интереси, и има обврска да ги презема сите неопходни, наменски и конкретни мерки за целосна имплементација на ова право.
14. Член 3, параграф 1, ја поставува рамката со три различни типа на обврски за државите страни:
(a) Обврската да се обезбеди дека најдобрите интереси на детето се соодветно интегрирани и доследно се применуваат во секое постапување на јавна институција, особено за сите мерки за имплементација, управни и судски постапки кои директно и индиректно влијаат на децата;
(b) Обврската да се обезбеди дека судски и управни постапки, како и политики и закони за децата покажуваат дека најдобрите интереси на децата имаат приоритет. Тука спаѓа и опис како се испитани и оценети најдобрите интереси, и каква тежина им е дадена во одлуката.
(c) Обврската да се обезбеди дека интересите на детето биле проценети и земени како приоритет во одлучувањето и постапувањето од страна на приватниот сектор, вклучително и од давателите на услуги, или било кој правен субјект или институција кои носат одлуки кои го засегаат или влијаат на детето.
15. За да се обезбеди усогласеност, државите страни преземаат низа на мерки за имплементација согласно член 4, 42 и 44, параграф 6, од Конвенцијата, и обезбедуваат дека најдобрите интереси на детето се првенствено разгледани во сите постапувања, вклучително и:
CRC/C/GC/14
(a) Преглед, и кога е неопходно и измена на домашното законодавство и другите извори на право за да се вклучи член 3, параграф 1, и да се обезбеди дека барањето да се разгледаат најдобрите интереси на детето е отсликано и спроведено во сите национални закони и регулатива, покраински или територијални закони, правила за работата на приватните или јавните институции кои даваат услуги или влијаат на децата, и судски и управни постапки на секое ниво, и како материјално право или како процедурално правило;
(b) Придржување до најдобрите интереси на детето при координација и имплементација на политиките на национално, регионално и локално ниво;
(c) Воспоставување механизми и процедури за приговори, правен лек или обештетување за целосна реализација на правото на детето и да бидат соодветно интегрирани неговите/нејзините најдобри интереси и доследно применети во сите мерки за имплементација, управни и судски постапки кои се релевантни за и влијаат на детето;
(d) Придржување до најдобрите интереси на детето при распределбата на националните ресурси за програми и мерки кои имаат за цел имплементација на детските права, и во активностите за кои се добива меѓународна или развојна помош;
(e) При воспоставување, мониторинг и евалуација на прибирањето податоци, да се обезбеди дека најдобрите интереси на детето се експлицитно наведени и кога е потребно да се поддржат истражувања за прашања поврзани со детските права;
(f) Обезбедување информации и обука за член 3, параграф 1, и неговата примена во пракса во сите процеси на носење одлуки кои директно или индиректно влијаат на децата, вклучително и стручните лица и други лица кои работат со и за децата;
(g) Обезбедување соодветни информации за децата на јазик кој тие го разбираат, и на нивните семејства и негуватели, за да можат да го разберат опфатот на правото кое е заштитено со член 3, параграф 1, како и создавање на неопходните услови за децата да го искажат својот став и да се обезбеди дека соодветна тежина се дава на нивното мислење;
(h) Борба против сите негативни ставови и перцепции кои ја попречуваат целосната имплементација на правото на детето да се направи проценка на неговите/нејзините најдобри интереси и истото да добие приоритет во разгледувањето, преку програми за комуникација во кои се вклучени медиумите за јавно информирање и социјалните мрежи со цел децата да бидат признаени како носители на права.
16. Следните параметри треба да се земат предвид при целосното спроведување на најдобрите интереси на детето:
(a) Универзалност, неделивост, меѓусебна зависност и поврзаност на детските права;
(b) Признавање на децата како носители на права;
(c) Глобалниот карактер и опфат на Конвенцијата;
(d) Обврската на државите страни да ги почитуваат, штитат и исполнуваат сите права од Конвенцијата;
(e) Краткорочните, среднорочните и долгорочните ефекти од постапувањето во врска со развојот на детето со текот на времето.
CRC/C/GC/14
IV. Правна анализа и поврзаност со општите начела на Конвенцијата
A. Правна анализа на член 3, параграф 1
1. „Во сите активности кои се однесуваат на децата”
(a) „во сите активности”
17. Со член 3, параграф 1 се бара да се обезбеди дека секое право е гарантирано во сите одлуки и постапувања во врска со децата. Тоа значи дека во секое постапување поврзано со дете или деца мора првенствено да се земат предвид најдобрите интереси. Зборот „активности” не вклучува само одлуки, туку и дејствување, спроведување, услуги, процедури и други мерки.
18. Непостапувањето или пропустот да се преземат активности и изоставањето, исто така се нарекуваат „активности”, на пример, кога властите за социјална заштита прават пропуст да дејствуваат за да ги заштитат децата од запоставување или злоупотреба.
(b) „кои се однесуваат на”
19. Законската обврска важи за сите одлуки и активности кои директно и индиректно ги засегаат децата. Оттаму, терминот „кои се однесуваат на” упатува пред сѐ на мерките и активностите кои директно се однесуваат на дете, деца или генерално на група на деца, и второ, на останатите мерки кои имаат ефект на поединечно дете, деца или генерално на група деца, дури и кога мерката не е директно наменета за нив. Како што е наведено во Општиот коментар Бр. 7 (2005) на Комитетот, тие активности ги вклучуваат оние кои се наменети за децата (на пр: поврзани со здравјето, грижата или образованието), како и активностите во кои се вклучени деца и други групи од населението (на пр: во врска со животната средина, домувањето или транспортот) (параг. 13 (б)). Оттаму, „кои се однесуваат на“ мора да се разбере со пошироко значење.
20. Факт е дека сите активности кои ги презема државата ги засегаат децата на еден или на друг начин. Тоа не значи дека секоја активност која ја презема државата треба да вклучува целосен и формален процес на проценка и одредување на најдобриот интерес на детето. Меѓутоа, кога со одлуката се врши големо влијание на детето или децата, поголем степен на заштита или детални процедури за разгледување на најдобрите интереси се сметаат за соодветни.
Оттука, во врска со мерките кои не се директно наменети за детето или децата, терминот „кои се однесуваат на” треба да се појасни во поглед на околностите на секој случај за да може соодветно да се земе предвид влијанието на активноста врз детето или децата.
(c) „децата”
21. Терминот „децата” се однесува на сите лица под 18-годишна возраст во јурисдикцијата на таа држава страна, без никаков тип на дискриминација, согласно член 1 и 2 од Конвенцијата.
22. Член 3, параграф 1, се применува на децата како поединци како обврска на државата страна да го процени и земе првенствено во предвид најдобриот интерес на детето во поединечните одлуки.
23. Меѓутоа, терминот „деца” подразбира дека правото на децата да им се земе соодветно предвид нивниот најдобар интерес важи не само за децата како поединци, туку и генерално и како група. Според тоа, државите имаат обврска да ги проценат и земат предвид најдобрите интереси на децата како група или генерално во сите активности кои нив ги засегаат. Тоа е особено очигледно за сите мерки за имплементација.
CRC/C/GC/14
Комитетот4 истакнува дека на најдобрите интереси на детето се гледа како на колективно и индивидуално право, и дека примената на ова право за недомородните деца како група бара да се разгледа како ова право се поврзува со колективните културолошки права.
24. Тоа не значи дека во одлуката за дадено дете, неговите/нејзините интереси мора да се разбере дека се исти како за децата генерално. Наместо тоа, член 3, параграф 1, подразбира дека најдобрите интереси на детето мора да се проценат поединечно. Процедурите за утврдување на најдобрите интереси на детето поединечно или како група може да се најдат во поглавјето V подолу.
2. „Од страна на јавните и приватните институции за социјална заштита, судовите, административните органи или законодавните тела”
25. Обврската на државите соодветно да ги земат предвид најдобрите интереси на детето е сеопфатна обврска која ги опфаќа сите јавни и приватни институции за социјална заштита, судови, административни органи и законодавни тела каде се вклучени или се однесуваат на децата. Иако родителите не се споменуваат експлицитно во член 3, параграф 1, најдобрите интереси на детето „ќе бидат нивна основна грижа” (член. 18, параг. 1).
(a) „јавни или приватни институции за социјална заштита”
26. Овие термини не треба да имаат ограничено значење или да се однесуваат само на социјални институции stricto sensu, туку треба да се разбере дека ги вклучува сите институции чија работа и одлуки влијаат на децата и на реализацијата на нивните права. Во тие институции не спаѓаат само оние кои се однесуваат на економските, социјалните и културните права (на пр: грижа, здравство, животна средина, образование, бизнис, слободно време и игра, итн.), туку и институции кои се занимаваат со граѓанските права и слободи (на пр: регистрација на раѓањето, заштита од насилство во сите средини, итн.). Во приватни институции за социјална заштита спаѓаат организации во приватниот сектор – и профитни и непрофитни – кои имаат улога во обезбедувањето услуги кои се клучни за уживањето на правата кај децата, или кои дејствуваат во име на или заедно со владините услуги како алтернатива.
(b) „судови”
27. Комитетот истакнува дека „судови” се однесува на сите судски постапки, во сите инстанции – независно дали во нив постапуваат професионални судии или судии поротници – и сите релевантни процедури кои се однесуваат на децата, без ограничување. Тука спаѓаат процесите за помирување, медијација и арбитража.
28. Во кривичните предмети, начелото за најдобрите интереси се применува кај децата во судир со законот (т.е. наводи за, обвинение или прифаќање на прекршувањата на законот) или во контакт со законот (како жртви или сведоци), како и деца кои се засегнати од ситуацијата на нивните родители кои се во судир со законот. Комитетот5 истакнува дека заштитата на најдобрите интереси на детето значи дека традиционалните цели на кривичната правда, како што се репресија или ретрибуција, треба да остават простор за целите за рехабилитација и целите на ресторативната правда кога се работи за деца сторители.
29. Во граѓанските предмети, детето може да ги брани своите интереси директно или преку застапник, во случај на утврдување татковство, детска злоупотреба и запоставување, обединување на семејството, сместување, итн. Детето може да биде засегнато за време на судењето, на пример, во процедури кои се однесуваат на посвојување или развод, одлуки во врска со старателство, престој, контакт или други аспекти кои може да извршат важно влијание на животот и развојот на детето, како и
4 Општ коментар Бр.11 (2009) за домородните деца и нивните права според Конвенцијата, параг. 30.
5 Општ коментар Бр.. 10 (2007) за правата на децата во малолетничката правда, параг. 10.
CRC/C/GC/14
постапки за детска злоупотреба или запоставување. Судовите мора да обезбедат дека најдобрите интереси на детето се земени предвид во сите такви ситуации и одлуки, независно дали од процедурален или материјален тип на постапки, и мора да покажат дека тоа е ефективно направено.
(c) „административни органи”
30. Комитетот истакнува дека опсегот на одлуки кои ги носат административните органи на сите нивоа е доста широк, и опфаќа одлуки кои се однесуваат, меѓу другото на образование, грижа, здравје, животна средина, животни услови, заштита, азил, имиграции, пристап до државјанство. Поединечните одлуки кои ги носат административните органи во овие области мора да содржат проценка и да бидат предводени од најдобрите интереси на детето, како и за сите мерки за имплементација.
(d) „законодавни тела”
31. Проширувањето на обврската на државите страни на нивните „законодавни тела” јасно покажува дека член 3, параграф 1, се однесува општо на децата, а не на децата како поединци. Усвојувањето на било кој закон или регулатива, како и колективни договори – како што се билатерални или мултилатерални трговски или мировни спогодби кои ги засегаат децата – треба да се предводат од најдобрите интереси за децата. Правото на детето да бидат оценети неговите/нејзините најдобри интереси и на нив да им се даде приоритет треба да биде вклучено на експлицитен начин во сите релевантни закони, не само во законите кои конкретно се однесуваат на децата. Оваа обврска важи и за одобрувањето буџети, чија подготовка и развој треба да ги земе предвид најдобрите интереси на детето за да бидат сензитивни во однос на детските права.
3. „Најдобри интереси на детето”
32. Концептот за најдобрите интереси на детето е комплексен и неговата содржина мора да се одреди за секој случај поединечно. Преку толкување и имплементација на член 3, параграф 1, согласно останатите одредби на Конвенцијата, законодавецот, судијата, административните, социјалните или образовните власти ќе можат да го појаснат концептот и да обезбедат соодветна примена. Оттаму, концептот за најдобрите интереси на детето е флексибилен и прилагодлив. Тој треба да се прилагодува и дефинира на поединечна основа, според конкретната ситуација на детето или децата кои се засегнати, земајќи ја предвид нивната лична ситуација, контекст и потреби. За поединечните одлуки, најдобрите интереси на детето мора да се проценат и определат во поглед на специфичните околности на дадено дете. За колективните одлуки – како што се одлуки на законодавецот – најдобрите интереси на децата генерално мора да се проценуваат и определуваат во поглед на околностите на одредена група и/или општо за децата. Во двата случаи, проценката и определувањето треба да се спроведуваат со целосно почитување на правата кои се содржани во Конвенцијата и факултативните протоколи.
33. Најдобриот интерес на детето треба да се применува во сите аспекти кои го засегаат детето/децата, и да бидат земени предвид за да се разрешат било кои конфликти помеѓу правата втемелени во Конвенцијата или други договори за човекови права. Вниманието треба да се насочи на идентификување можни решенија кои се во најдобар интерес на децата. Тоа подразбира дека државите имаат обврска да ги појаснат најдобрите интереси за сите деца, вклучително и за оние кои се во ранлива состојба, кога се усвојуваат мерки кои треба да се спроведат.
34. Флексибилноста на концептот за најдобрите интереси на детето овозможува да се даде одговор на ситуацијата кај поединечни деца и да се развива знаењето за детскиот развој. Меѓутоа, тоа може да остави и простор за манипулација; концептот за најдобар интерес на детето е злоупотребуван од владите и други државни органи за да најдат оправдување за расистички политики, на пример; од страна на родителите за да ги одбранат своите интереси во споровите за старателство; од страна на стручни лица кои за да избегнат работа и ја отфрлаат проценката на најдобрите интереси на детето како да е нерелевантна или неважна.
CRC/C/GC/14
35. Во однос на мерките за имплементација, за да се обезбеди дека најдобрите интереси на детето се приоритет при разгледувањето на законите и креирањето политики и во испораката од страна на владите на сите нивоа, потребен е континуиран процес за проценка на влијанијата на детските права (CRIA) за да се предвиди влијанието на секој предложен закон, политика или буџетска распределба за децата и уживањето на нивните права, и евалуација на влијанието врз детските права за да се оцени реалното влијание од имплементацијата. 6
4. „Од примарно значење”
36. Најдобрите интереси на детето ќе бидат од примарно значење при усвојувањето на сите мерки за имплементација. Зборовите „ќе бидат” подразбира силна законска обврска за државите и тоа значи дека државите не може да применуваат дискреција во однос на тоа дали треба да се проценат најдобрите интереси на детето и да им се даде соодветна тежина и тоа да биде од примарно значење во секоја преземена активност.
37. Изразот „од примарно значење” значи дека најдобрите интереси на детето може да не бидат разгледувани на исто ниво како и останатите аспекти. Таквата силна поставеност е оправдана со посебната ситуација во која се наоѓа детето: зависност од други, зрелост, законски статус и честопати и кога не се слуша мислењето на детето. Децата за разлика од возрасните имаат помалку можност силно да се застапуваат за своите интереси и оние кои се вклучени во одлучувањето кое нив ги засега мора да бидат експлицитно запознаени со нивните интереси. Доколку не бидат потенцирани интересите на детето, истите може да бидат занемарени.
38. Во однос на посвојувањето (член 21), правото на најдобриот интерес и понатаму се зајакнува; тоа не е едноставно „од примарно значење” туку „од најголемо значење”. Со сигурност, најдобрите интереси на детето треба да бидат одлучувачки фактор кога се носи одлука за посвојување, но, исто така и за други прашања.
39. Меѓутоа, со оглед дека член 3, параграф 1, опфаќа низа најразлични институции, Комитетот ја препознава потребата од одреден степен на флексибилност во примената. Најдобрите интереси на детето – откако ќе бидат проценети и определени – може да бидат во судир со други интереси или права (на пр: на други деца, јавноста, родителите, итн.). Потенцијалните судири помеѓу најдобрите интереси на детето, кога се разгледуваат поединечно, и интересите на група деца или на децата генерално треба да се разрешуваат за секој случај поединечно, притоа внимателно балансирајќи ги интересите на сите страни и изнаоѓање на поволен компромис. Истото важи и доколку правата на други лица се во судир со најдобрите интереси на детето. Ако не постои можност за усогласување, властите и носителите на одлуки ќе мора да ги анализираат и одмерат правата на сите оние кои се засегнати, имајќи предвид дека правото на детето неговите/нејзините интереси да бидат од примарно значење значи дека интересите на детето имаат висок приоритет и не само еден од неколкуте аспекти. Оттаму, поголема тежина треба да се даде на она што најдобро служи на интересите на детето.
40. Гледањето на најдобрите интереси на детето како „примарни” бара свесност за местото кое интересите на децата мора да го имаат во сите активности и како подготвеност да се даде приоритет на тие интереси во сите околности, но, особено кога активноста има неспорно влијание врз засегнатите деца.
6 Општ коментар Бр. 5 (2003) за општите мерки за имплементација на Конвенцијата за правата на детето, параг. 45.
CRC/C/GC/14
B. Најдобрите интереси на детето и поврзаноста со други општи начела од Конвенцијата
1. Најдобрите интереси на детето и правото на недискриминираност (член 2)
41. Правото на недискриминираност не е пасивна обврска, со која се забранети сите форми на дискриминација во уживањето на правата од Конвенцијата, туку бара да се преземаат соодветни проактивни мерки од страна на државата за да се обезбедат ефективни еднакви можности за сите деца да ги уживаат правата од Конвенцијата. За тоа може да бидат потребни и позитивни мерки кои имаат за цел да се надмине ситуација на реална нееднаквост.
2. Најдобрите интереси на детето и правото на живот, опстанок и развој (член 6)
42. Државите мора да создадат опкружување во кое се почитува човечкото достоинство и се обезбедува холистички развој за секое дете. Во проценката и одредувањето на најдобрите интереси на детето, државата мора да обезбеди целосно почитување на неговото неотуѓиво право на живот, опстанок и развој.
3. Најдобрите интереси на детето и правото да му се слушне неговото/нејзиното
мислење (член 12)
43. Проценката на најдобрите интереси на детето мора да вклучува и почитување на правото на детето слободно да ги искаже своите ставови и да се даде соодветна тежина на искажаните ставови за сите прашања кои го засегаат детето. Тоа е јасно наведено во Општиот коментар Бр.12 на Комитетот каде се потенцира и нераскинливата врска помеѓу член 3, параграф 1, и 12. Двата члена имаат улога на надополнување: првиот се однесува на реализација на најдобрите интереси на детето, и вториот ја дава методологијата за како да се слушне мислењето на детето или децата и нивно вклучување во сите работи кои ги засегаат децата, вклучително и проценка на најдобрите интереси. Член 3, параграф 1, не може правилно да се примени ако не се исполнети условите од член 12. Исто така, член 3, параграф 1, ја засилува функционалноста на член 12, преку олеснување на улогата на децата во сите одлуки кои влијаат на нивниот живот7.
44. Развојните капацитети на детето (член. 5) мора да се земат предвид кога се разгледуваат најдобрите интереси на детето и правото на детето да искаже свое мислење. Комитетот има утврдено дека колку повеќе детето знае, има доживеано и разбира, потребно е родителот, законскиот старател или други лица кои се законски одговорни за детето да ги преточат насоките и упатствата во потсетници и совети, и размената да се врши на еднаква основа.8 Слично на тоа, како што детето стекнува зрелост, неговите/нејзините ставови имаат поголема тежина во проценката на најдобрите интереси. Бебињата и малите деца имаат исти права како и сите останати деца да им бидат проценети најдобрите интереси, и покрај тоа што не можат да ги искажат своите ставови или да се претстават себеси на ист начин како поголемите деца. Државите мора да обезбедат соодветни начини, вклучително и претставување, кога тоа е соодветно, за проценка на најдобрите интереси; истото важи и за деца кои немаат способност или волја да го искажат својот став.
45. Комитетот потсетува дека член 12, параграф 2, од Конвенцијата го предвидува правото на детето да му биде слушнато неговото/нејзиното мислење, или директно или преку застапник, во било која судска или управна постапка која го засега (види поглавје V.B подолу).
7 Општ коментар Бр. 12, параг. 70-74.
8 Ibid., параг. 84.
V. Имплементација: проценка и одредување на најдобрите интереси на детето
46. Како што е наведено и претходно, „најдобрите интереси на детето” се право, начело и процесно правило врз основа на проценката на сите елементи за детето или на интересите на детето во конкретна ситуација. Кога се прави проценка и одредување на најдобрите интереси на детето за да се донесе одлука за конкретна мерка, треба да се следат следните чекори:
(a) Прво, во контекст на фактите на случајот, одредете кои се релевантните елементи за проценка на најдобриот интерес, ставете ги во конкретна содржина, и дадете тежина на секој од нив во однос на другите;
(b) Второ, за да се направи тоа, следете процедура која дава законски гаранции и соодветна примена на правото.
47. Проценката и одредувањето на најдобриот интерес на детето се два чекори кои треба да се следат кога треба да се донесе одлука. „Проценката на најдобриот интерес” се состои во оценка и балансирање на сите елементи кои се неопходни за да се донесе одлука во конкретна ситуација за конкретно поединечно дете или група деца. Тоа го врши лицето кое е носител на одлука и неговиот кадар – по можност мултидисциплинарен тим – и неопходно е и учество на детето. „Одредувањето на најдобриот интерес” го опишува формалниот процес со строга процедурална заштита која има за цел да се одредат најдобрите интереси на детето врз основа на проценката на најдобрите интереси на детето.
A. Проценка и одредување на најдобрите интереси
48. Проценката на најдобрите интереси на детето е посебна активност која треба да се преземе за секој поединечен случај во поглед на специфичните околности на секое дете или група деца или децата генерално. Тие околности се однесуваат на индивидуалните карактеристики на дадено дете или деца, меѓу другото како што се возраст, пол, степен на зрелост, искуство, припадност на малцинска група, физичка, сензорна или интелектуална попреченост, како и социјалниот и културолошкиот контекст во кој се наоѓа детето/децата, како што се присуство или отсуство на родители, дали детето живее со нив, квалитетот на релации помеѓу детето и неговото семејство или негуватели, опкружувањето во однос на безбедноста, постоењето адекватни алтернативни средства кои се на располагање на семејството, поширокото семејство или негувателите, итн.
49. Одредувањето на најдобриот интерес за детето треба да започне со проценка на конкретните околности заради кои детето е посебно. Тоа подразбира дека некои елементи ќе се користат, а некои не, и истото влијае на начинот на кој тие ќе бидат одмерени едни во однос на други. За проценка на најдобрите интереси за децата генерално се применуваат истите елементи.
50. Комитетот смета дека е корисно да се изработи неисцрпна и нехиерархиски подредена листа на елементи кои може да бидат вклучени во проценката на најдобрите интереси од било кој носител на одлуки кој треба да ги одреди најдобрите интереси на детето. Неисцрпната листа на елементи подразбира дека постои можност да се постапува и вон листата и да се разгледаат и други фактори кои се релевантни за специфичните околности на поединечно дете или група деца. Сите елементи од листата мора да се земат предвид и да се балансираат во поглед на секоја ситуација. Листата треба да даде конкретни насоки, но и флексибилност.
51. Изработката на листата со елементи ќе им даде насоки на државите и носителите на одлуки за да се регулираат одредени области кои ги засегаат децата, како што се семејството, посвојувањето и законите за малолетничка правда, и ако е неопходно, може да се додадат и други елементи кои се сметаат за неопходни согласно на правната традиција. Комитетот би сакал да истакне дека кога се додаваат елементи на листата, крајната цел на најдобриот интерес на детето е исполнување и целосно уживање на
CRC/C/GC/14
правата кои се признаени со Конвенцијата и холистичкиот развој на детето. Како резултат на тоа, елементите кои се спротивни на правата втемелени со Конвенцијата ќе имаат спротивен ефект врз правата од Конвенцијата и истите не може да се сметаат за валидни при проценка на најдобрите интереси на детето или децата.
1. Елементи кои треба да се земат предвид при проценка на најдобрите интереси на детето
52. Врз основа на прелиминарните разгледувања, Комитетот смета дека елементите кои треба да се земат предвид при проценка и одредување на најдобрите интереси на детето, според нивната релевантност за конкретната ситуација, се следните:
(a) Ставовите на детето
53. Член 12 од Конвенцијата го предвидува правото на децата да ги искажат своите ставови за секоја одлука која ги засега. Секоја одлука во која не се земени предвид ставовите на децата или не им се дава соодветна тежина според нивната возраст и зрелост, значи дека не се почитува можноста за детето или децата да влијаат на определувањето на нивните најдобри интереси.
54. Фактот дека детето е многу мало или се наоѓа во состојба на ранливост (на пр: има попреченост, припаѓа на малцинска група, детето е мигрант, итн.) не го лишува од неговото право да го искаже своето мислење/став, ниту ја намалува тежината која се дава на ставовите/мислењата на детето при одредувањето на неговиот/нејзиниот најдобар интерес. Усвојувањето конкретни мерки за да се гарантира остварување на еднакви права за децата во такви ситуации мора да подлежи на индивидуална проценка со која се гарантира улогата на самите деца во процесот на одлучување, и обезбедувањето разумно приспособување9 и поддршка, каде тоа е неопходно, за да се обезбеди нивно целосно учество во проценката на најдобрите интереси.
(b) Идентитет на детето
55. Децата не се хомогена група и затоа различностите мора да се земат предвид при проценка на најдобрите интереси. Идентитетот на децата вклучува карактеристики како што се пол, сексуална ориентација, национално потекло, религија и верувања, културен идентитет, личност. Иако децата и младите лица споделуваат основни универзални потреби, искажувањето на тие потреби зависи од низа различни лични, физички, социјални и културни аспекти, вклучително и нивните развојни капацитети. Правото на детето да го зачува својот идентитет е гарантирано со Конвенцијата (член 8) и мора да се почитува и земе предвид при проценка на најдобрите интереси на детето.
56. Во однос на верскиот и културниот идентитет, на пример, кога се разгледува можност за сместување или згрижување на дете кај згрижувачи, соодветно внимание треба да се посвети на пожелноста за континуитет во грижата за детето и на етничкото, верското, културното и јазичното потекло на детето (член 20, параг. 3), и носителот на одлуки мора да го земе предвид тој специфичен контекст кога се проценува и одредува најдобриот интерес на детето. Истото важи и во случаите на посвојување, одделување од или развод на родителите. Соодветното разгледување на најдобрите интереси на детето подразбира дека децата имаат пристап до културата (и јазикот, ако е можно) од нивната земја и семејство на потекло, и можност за пристап до информации за нивното биолошко семејство согласно законската и стручната регулатива во дадена земја (види член. 9, параг. 4).
9 Види Конвенција за правата на лицата со попреченост, член. 2: „Разумно приспособување” значи неопходни и соодветни модификации и прилагодувања со кои не се наметнува диспропорционално или несоодветно оптоварување, и кога тоа е потребно во даден случај, за да се обезбеди […] уживање или остварување на еднаква основа со другите на сите човекови права и основни слободи.
CRC/C/GC/14
57. Иако зачувувањето на верските и културните вредности и традиции како дел од идентитетот на детето мора да бидат земени предвид, оние практики кои се недоследни или некомпатибилни на правата утврдени со Конвенцијата не се во најдобар интерес на детето. Со културниот идентитет не може да се изостави или оправда продолжувањето од страна на носителите на одлуки и властите на традиции и културни вредности со кои се одрекуваат правата на детето или децата кои се утврдени со Конвенцијата.
(c) Зачувување на семејна средина и одржување релации
58. Комитетот потсетува дека неопходно е проценката и одредувањето на најдобрите интереси на детето да се врши во контекст на потенцијално одделување на детето од неговите родители (член 9, 18 и 20). Исто така, се нагласува дека елементите споменати погоре се конкретни права и не само елементи за одредување на најдобрите интереси на детето.
59. Семејството е основната единица во општеството и природна средина за раст и добрососотојба на сите негови членови, особено децата (преамбула на Конвенцијата). Правото на детето на семеен живот е заштитено со Конвенцијата (член 16). Терминот „семејство” мора да се толкува пошироко и да ги вклучува биолошкото семејство, посвоителите или згрижувачите, или, кога е применливо и членовите на поширокото семејство или заедницата според локалните обичаи (член 5).
60. Спречувањето да се раздели семејството и задржувањето на семејното единство се важни компоненти на системот за детска заштита и се засноваат на правото кое е дадено со член 9, параграф 1, според кој „детето не треба да биде раздвоено од неговите/нејзините родители против нивната волја, освен кога […] таквото разделување е неопходно за најдобриот интерес на детето”. Покрај тоа, дете кое е разделено од еден или двајцата родители има право „да ги одржува личните релации и непосредни контакти со двајцата родители на постојана основа, освен кога тоа е спротивно на најдобрите интереси на детето” (член 9, параг. 3). Исто така, тоа е применливо и за секое лице кое има старателски права, законски старатели или старатели според обичаите, згрижувачи или лица со кои детето има изградено силни лични релации.
61. Со оглед на тежината на влијанијата од разделувањето на детето од неговите/нејзините родители, таквото разделување треба да се случи како последна расположлива мерка, како и кога детето е во опасност да му се нанесе штета или кога тоа е неопходно; разделувањето не треба да се случи ако детето може да се заштити со помалку интрузивни мерки. Пред да се пристапи кон разделување, државата треба да обезбеди поддршка на родителите за преземање на нивните родителски одговорности, и да го оспособи семејството да се грижи за детето, освен кога разделувањето е неопходно за да се заштити детето. Економските причини не може да бидат оправдување за разделување на детето од неговите/нејзините родители.
62. Упатствата за алтернативно згрижување деца10 имаат за цел да обезбедат дека децата не се згрижени во алтернативни форми ако тоа не е неопходно; и дека кога се обезбедува алтернативна форма на згрижување, тоа се прави согласно соодветни услови кои одговараат на правата и најдобрите интереси на детето. Особено, „финансиска и материјална сиромаштија, или услови кои директно или индиректно водат кон таква сиромаштија, никогаш не треба да бидат единственото оправдување за отстранување на детето од родителската грижа […] туку треба да се гледаат како сигнал за потребата од обезбедување соодветна поддршка на семејството” (параг. 15).
63. Исто така, детето не треба да биде разделено од своите родители на основ на попреченост или на детето или на родителите.11 Разделувањето може да се разгледува само во случаите кога неопходната помош да се задржи семејната единица не е
10 Резолуција на Генералното собрание 64/142, анекс.
11 Конвенција за правата на лицата со попреченост, член. 23, параг. 4.
CRC/C/GC/14
доволно ефективна за да се избегне ризик од запоставување или напуштање на детето или кога постои ризик по безбедноста на детето.
64. Во случај на разделување, државата мора да гарантира дека била проценета состојбата на детето и неговото/нејзиното семејство, кога постои можност, од страна на мултидисциплинарен тим од добро обучени стручни лица со соодветна вклученост на судските органи, согласно член 9 од Конвенцијата, и притоа обезбедувајќи дека ниедна друга опција не може да ги задоволи најдобрите интереси на детето.
65. Кога разделувањето станува неопходно, носителите на одлуки ќе обезбедат дека детето одржува врски и релации со неговите/нејзините родители и семејство (браќа/сестри, роднини и лица со кои детето има остварено силни лични релации) освен кога тоа е спротивно на најдобрите интереси на детето. Квалитетот на релации и потребата да се задржат мора да се земат предвид во одлуките за зачестеноста и должината на посетите и други контакти кога детето е сместено надвор од семејството.
66. Кога релациите на детето со неговите/нејзините родители се прекинати заради миграција (на родителите без детето или на детето без неговите/нејзините родители), задржувањето на семејната единица треба да се земе предвид при проценката на најдобрите интереси на детето во одлуките за обединување на семејството.
67. Комитетот е на став дека споделените родителски одговорности се генерално во најдобар интерес на детето. Меѓутоа, во одлучувањето за родителската одговорност, единствен критериум треба да биде она кое е во најдобар интерес на одредено дете. Ќе се смета дека е спротивно на тие интереси доколку законот автоматски ја доделува родителската одговорност на еден или на двајцата родители. При проценка на најдобрите интереси на детето, судијата мора да го земе предвид правото на детето да ги задржи релациите со двајцата родители, заедно со останатите елементи кои се релевантни за случајот.
68. Комитетот ја охрабрува ратификацијата и имплементацијата на конвенциите од Хашката конференција за приватно меѓународно право,12 што ја олеснува примената на најдобрите интереси на детето и дава гаранција за нивна имплементација во случаеви кога родителите живеат во различни земји.
69. Во случаите кога родителите или други примарни негуватели се сторители на кривични дела, треба да се стават на располагање алтернативи на притворот и истите да се применуваат за секој случај поединечно, со целосно разгледување на веројатноста за влијанија од различните казни врз најдобриот интерес на засегнатото дете или деца.13
70. Задржувањето на семејната средина вклучува задржување на врските на детето со пошироко значење. Тие врски се однесуваат и на поширокото семејство, како што се баби/дедовци, вујковци/тетки и поширокото опкружување и тоа е особено релевантно во случаите кога родителите се разделени и живеат на различни места.
(d) Грижа, заштита и безбедност на детето
71. Кога се проценуваат или одредуваат најдобрите интереси на дете или на децата генерално, треба да се земе предвид обврската на државата да обезбеди заштита и грижа за детето на начин на кој тоа е потребно за неговата/нејзината добросостојба (член. 3, параг. 2). Термините „заштита и грижа” исто така мора да се читаат со пошироко значење, бидејќи обврската не е наведена со одредено ограничувачко или негативно значење (како што е „за да се заштити детето од повредување”), туку во врска со сеопфатниот идеал да се обезбеди „добросостојба“ и развој кај детето.
12 Тука спаѓаат Бр. 28 за Граѓанските аспекти на меѓународно посвојување деца, 1980; Бр. 33 за заштита на деца и соработка во однос на меѓудржавно посвојување, 1993; Бр. 23 за Признавање и спроведување одлуки во врска со обврски за одржување, 1973; Бр. 24 за Законот кој е важечки за обврските за одржување, 1973.
13 Види препораки од Денот за општа дискусија за деца на родители кои издржуваат затворска казна (2011).
CRC/C/GC/14
Добросостојбата на децата во поширока смисла ги вклучува нивните основни материјални, физички, образовни и емоционални потреби, како и потребата од љубов и безбедност.
72. Емоционалната грижа е основна потреба на децата; ако родителите или другите примарни негуватели не ги задоволат емоционалните потреби на децата, мора да се преземаат активности со цел децата да развиваат сигурно приврзување. Децата треба да развиваат приврзување кон негувателот од најрана возраст, и кога таквото приврзување е адекватно, истото мора да се одржува со текот на времето за да се обезбеди стабилно опкружување на детето.
73. Во проценката на најдобрите интереси на детето треба исто така да се вклучат и аспекти за безбедноста на детето, односно, правото на детето на заштита од сите форми на физичко и ментално насилство, повреда или злоупотреба (член 19), сексуално вознемирување, врснички притисок, малтретирање, понижувачко постапување, итн.,14 како и заштита од сексуална, економска и друг тип на експлоатација, дрога, труд, вооружен конфликт итн.(член. 32-39).
74. Примената на пристапот за најдобар интерес во одлучувањето значи дека се прави проценка на безбедноста и интегритетот на детето во сегашноста, меѓутоа начелото на претпазливост бара да се направи проценка и на можност за ризик и повредување во иднина и од други последици на одлуката врз безбедноста на детето.
(e) Состојба на ранливост
75. Важен елемент кој треба да се разгледа е состојбата на ранливост кај детето, како што се попреченост, припадност на малцинска група, бегалец или барател на азил, жртва на злоупотреба, живеење на улица итн. Намерата да се одреди најдобриот интерес на дете или деца во ранлива состојба не треба да биде само во однос на целосното уживање на сите права кои се дадени со Конвенцијата, туку и во однос на други норми за човекови права во врска со конкретни ситуации, како што се оние кои се опфатени со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, Конвенцијата за статусот на бегалците, итн.
76. Најдобрите интереси на дете во специфична состојба на ранливост нема да бидат исти како и на сите деца во истата состојба на ранливост. Властите и носителите на одлуки треба да ги земат предвид различните типови и степени на ранливост кај секое дете, бидејќи секое дете е посебно и секоја ситуација треба да се процени според посебноста на детето. Треба да се спроведе индивидуализирана проценка на историјатот на секое дете од раѓањето, со редовни прегледи од страна на мултидисциплинарен тим и препорачано разумно приспособување во текот на развојниот процес кај детето.
(f) Право на детето на здравје
77. Правото на детето на здравје (член 24) и неговата/нејзината здравствена состојба имаат централно место во проценката на најдобриот интерес на детето. Меѓутоа, ако постои повеќе од едно можно лекување за здравствена состојба или ако исходот од лекувањето е несигурен, предностите на сите можни лекувања треба да се одмерат во однос на сите можни ризици и нус ефекти, и зависно од возраста и зрелоста на детето треба да се даде соодветна тежина на ставовите на детето. Во тој поглед, на децата треба да им се дадат адекватни и соодветни информации за да ја разберат состојбата, како и сите релевантни аспекти во врска со нивните интереси, и да им се дозволи, кога тоа е возможно, да дадат своја согласност на основа на информираност.15
14 Општ коментар Бр.. 13 (2011) за правото на детето на слобода од сите форми на насилство.
15 Општ коментар Бр.. 15 (2013) за правото на детето за уживање на највисокиот достапен стандард на здравје (член 24), параг. 31.
CRC/C/GC/14
78. На пример, во однос на здравјето на адолесцентите, Комитетот16 истакнува дека државите страни имаат обврска да обезбедат дека сите адолесценти, кои се и не се вклучени во образованието, имаат пристап до адекватни информации кои се од суштинско значење за нивното здравје и развој за да можат да прават соодветни избори во врска со однесувањето за нивното здравје. Тука спаѓаат информации за употреба и злоупотреба на тутун, алкохол и други супстанции, исхрана, соодветни информации за сексуалното и репродуктивното здравје, опасности на рана бременост, превенција од ХИВ/СИДА и сексуално преносливи болести. Адолесцентите со психосоцијални нарушувања имаат право на лекување и грижа во заедницата во која живеат, до степен до кој тоа е возможно. Кога е неопходна хоспитализација или сместување во институција, треба да се проценат најдобрите интереси на детето пред да се донесе таквата одлука и исто така и во однос на ставовите на детето; истите аспекти важат и за помалите деца. Здравјето на детето и можностите за лекување може исто така да бидат дел од проценката и одредувањето на најдобриот интерес на детето и во однос на друг тип на значајни одлуки (на пр: доделување дозвола за престој на хуманитарен основ).
(g) Правото на детето на образование
79. Во најдобар интерес на детето е да има пристап до квалитетно образование, вклучително и образование во раното детство, неформално и формално образование и сродни активности, и тоа бесплатно. Сите одлуки за мерки и активности во врска со одредено дете или група деца мора да ги почитуваат најдобрите интереси на детето или децата во однос на образованието. За да се промовира образование или подобро квалитетно образование за повеќе деца, државите страни треба да имаат добро обучени наставници и други стручни лица кои работат во различни опкружувања за образование, како и опкружување по мерка на децата и соодветни методи за настава и учење, земајќи предвид дека образованието не е само инвестиција за иднина, туку и можност за забавни активности, почит, учество и исполнување на амбициите. Давањето одговор на ваквото барање и јакнењето на одговорноста на децата за да се надминат ограничувањата од нивната ранливост од било кој тип, ќе биде во нивни најдобар интерес.
2. Балансирање на елементите во проценката на најдобрите интереси
80. Треба да се истакне дека основната проценка на најдобрите интереси е општа проценка на сите релевантни елементи за најдобриот интерес на детето и тежината на секој еден елемент зависи од останатите елементи. Не сите елементи се релевантни за секој случај, и различни елементи може на различен начин да се користат во различни случаи. Содржината на секој елемент неопходно ќе варира од дете до дете и од случај до случај, зависно од типот на одлуката и конкретните околности, како и важноста на секој еден елемент во севкупната проценка.
81. Елементите во проценката на најдобрите интереси може да дојдат во судир кога се разгледува конкретен случај и дадените околности. На пример, задржувањето на семејната средина може да биде во судир со потребата да се заштити детето од ризик од насилство или злоупотреба од страна на родителите. Во таквите ситуации, елементите ќе треба да се одмерат едни во однос на други за да се најде решение кое е во најдобар интерес на детето или децата.
82. При одмерувањето на различни елементи, треба да се има на ум дека целта на проценката и одредувањето на најдобрите интереси на детето е да се обезбеди целосно и ефективно уживање на правата признаени со Конвенцијата и факултативните протоколи кон неа, и холистичкиот развој на детето.
16 Општ коментар Бр. 4 (2003) за здравјето и развојот на адолесцентите во контекст на Конвенцијата за правата на детето
CRC/C/GC/14
83. Може да постојат ситуации кога треба да се проценат факторите на „заштита“ кои влијаат на детето (на пр: кои може да подразбираат ограничување или рестрикција на правата) во однос на мерките за „зајакнување” (кое подразбира целосно уживање на правата без ограничување). Во тие ситуации, балансирањето на елементите треба да се предводи од возраста и зрелоста на детето. За да се процени степенот на зрелост кај детето треба да се земе предвид физичкиот, емоционалниот, когнитивниот и социјалниот развој кај детето.
84. Во проценката на најдобриот интерес, мора да се земе предвид дека капацитетите на детето ќе се развиваат. Затоа, носителите на одлуки треба да разгледуваат мерки кои може да се ревидираат или прилагодуваат, наместо да носат одлуки кои се конечни и неповратни. За таа цел, не само што треба да се направи проценка на физичките, емоционалните, образовните и другите потреби во конкретниот момент на одлучувањето, туку треба да се разгледаат и можни сценарија за развојот на детето и да се анализираат на кус и долг рок. Во овој контекст, одлуките треба да го проценат и континуитетот и стабилноста на моменталната и идната ситуација на детето.
B. Процедурална заштита за да се гарантира имплементација на најдобрите интереси на детето
85. За да се обезбеди соодветна имплементација на правото на детето да се даде предност на неговите/нејзините најдобри интереси, мора да се воспостават и следат процедурални заштитни механизми по мерка на детето. Како таков, концептот за најдобри интереси на детето е процедурално правило (види параг. 6 (б) погоре).
86. Иако јавните органи и организации кои носат одлуки во врска со децата мора да постапуваат во согласност со обврската да го проценат и одредат најдобриот интерес на детето, од лицата кои секојдневно носат одлуки во врска со децата (на пр: родители, старатели, наставници итн.) не се очекува да ја следат строго оваа процедура од два чекори, иако со одлуките кои секојдневно се носат мора да се почитуваат и да се отсликуваат најдобрите интереси на детето.
87. Државите мора да воспостават формални процеси, со строги процедурални заштитни механизми, кои имаат за цел да се процени и одреди најдобриот интерес на детето во однос на одлуките кои ги засегаат децата, вклучително и механизми за евалуација на резултатите. Државите мора да развиваат транспарентни и објективни процеси за сите одлуки кои ги носат законодавците, судиите или административните органи, особено во областите кои директно го засегаат детето или децата.
88. Комитетот ги повикува државите и сите лица кои се во позиција да вршат проценка и одредување на најдобрите интереси на детето да посветат посебно внимание на следните заштитни механизми и гаранции:
(a) Правото на детето да го искаже неговото/нејзиното мислење/став
89. Суштински елемент на процесот е комуникацијата со децата за да може да се олесни целисходното учество на децата и идентификувањето на нивните најдобри интереси. Таквата комуникација треба да вклучува информирање на децата за процесот и можни одржливи решенија и услуги, како и прибирање информации од децата и барање да се чуе нивното мислење.
90. Кога детето сака да го искаже неговото/нејзиното мислење и кога тоа право е остварено преку застапник, застапникот има обврска да ги пренесе прецизно ставовите на детето. Во ситуации кога ставовите на детето се во судир со ставовите на неговиот/нејзиниот застапник, треба да се воспостави процедура која ќе овозможи на детето да пристапи до надлежен орган за да се воспостави посебно застапување за детето (на пр: старател ad litem), ако е неопходно.
91. Процедурата за проценка и одредување на најдобрите интереси на децата како група, до одреден степен, е различна од кога се работи за поединечно дете. Кога интересите на поголема група деца се во ризик, владините институции мора да изнајдат начин да се слушне мислењето на репрезентативен примерок од децата и соодветно да се земе предвид нивното мислење кога се планираат мерките или кога се носат
CRC/C/GC/14
законодавни одлуки кои директно или индиректно ја засегаат групата, со цел да бидат опфатени сите деца. Постојат примери за начините на кои тоа може да се направи, вклучително и расправи за деца, детски парламент, организации предводени од деца, детски синдикати или други претставнички тела, дискусии на училиште, веб страници со социјални мрежи, итн.
(b) Утврдување факти
92. Фактите и информациите кои се релевантни за одреден случај мора да бидат обезбедени од страна на добро обучени стручни лица за да се обезбедат сите елементи кои се потребни за проценка на најдобриот интерес. Тоа меѓу другото може да биде интервјуирање на лица кои се блиски со детето, други лица во секојдневен контакт со детето, сведоци на одредени инциденти. Собраните информации и податоци мора да бидат потврдени и анализирани пред истите да се користат во проценката на најдобриот интерес на детето или децата.
(c) Временска перцепција
93. Децата и возрасните немаат иста перцепција за одминувањето на времето. Доцнењето со или пролонгирањето на одлуките има особено штетни последици по развојот на децата. Затоа е препорачливо на процедурите и процесите за или кои влијаат на децата да им се даде приоритет и да бидат завршени во најкус можен период. Временската рамка за одлучување треба, колку што може, да одговара на перцепцијата на детето за тоа како тоа ќе му биде од корист, и донесените одлуки треба да се ревидираат во разумни интервали како што се развива детето и неговиот/нејзиниот капацитет за искажување на своето мислење/став. Сите одлуки за грижа, лекување, сместување и други мерки за децата мора да се ревидираат на периодична основа во однос на временската перцепција на детето, како и неговите/нејзините растечки капацитети и развој (член. 25).
(d) Квалификувани стручни лица
94. Децата се група од различности, и секое дете има свои карактеристики и потреби кои може да ги проценат само стручни лица кои имаат експертиза поврзана со развојот на децата и адолесцентите. Токму затоа процесот на формална проценка треба да се спроведува во пријателска и безбедна атмосфера од страна на стручни лица, кои меѓу другото, се обучени за детска психологија, детски развој и во други сродни области за човечкиот и социјалниот развој, кои имаат искуство од работа со деца и кои објективно ќе ги разгледаат добиените информации. До степен до кој постои можност, во проценката на најдобрите интереси на детето треба да се вклучи мултидисциплинарен тим на стручни лица.
95. Проценката на последиците од алтернативните решенија мора да се темели на општи знаења (т.е. во областа на правото, социологијата, образованието, социјалната работа, психологијата, здравството, итн.) за веројатните последици од секое решение врз детето, имајќи ги предвид неговите/нејзините индивидуални карактеристики и минати искуства.
(e) Правно застапување
96. На детето ќе му биде потребно соодветно правно застапување доколку треба формално да се проценат и одредат неговите/нејзините најдобри интереси од страна на суд или други тела. Особено во случаите кога детето е упатено на управна или судска постапка со која се одредуваат неговите/нејзините најдобри интереси, на детето треба да му се обезбеди правен застапник, покрај старателот или застапникот на неговите/нејзините ставови, кога постои потенцијален судир помеѓу странките во однос на одлуката.
CRC/C/GC/14
(f) Правно аргументирање
97. За да се покаже дека се почитува правото на детето неговите/нејзините најдобри интереси да се проценети и разгледани како од примарно значење, секоја одлука за дете или деца мора да биде мотивирана, оправдана и образложена. Во мотивацијата треба експлицитно да се наведат сите фактички околности за детето, кои елементи се сметаат за релевантни во проценката на најдобриот интерес, содржината на елементите во поединечен случај, и како тие се одмерени во однос на најдобриот интерес на детето. Ако одлуката се разликува од ставовите на детето, причината за тоа треба да биде јасно наведена. По исклучок, ако одбраното решение не е во најдобар интерес на детето, основите за тоа мора мора да се постават по редослед за да се покаже дека најдобриот интерес на детето бил од најголемо значење и покрај резултатот. Не е доволно само општо да се наведе дека останатите аспекти преовладуваат пред најдобриот интерес на детето; сите разгледувања треба експлицитно да се наведат во врска со конкретниот случај, и мора да се објаснат причините зошто тие имаат поголема тежина во даден случај. Преку аргументите мора исто така на кредибилен начин да се покаже зошто најдобрите интереси на детето не биле доволно силни за да преовладаат пред другите разгледувања. Мора да се земат предвид тие околности во кои најдобрите интереси на детето мора да имаат најголема важност при разгледувањето (види параграф 38 погоре).
(g) Механизми за преглед или ревизија на одлуките
98. Државите треба да воспостават механизми во своите правни системи за обжалување или ревидирање на одлуките за децата кога се чини дека одлуките не е во согласност со соодветната процедура за проценка и одредување на најдобрите интереси на детето или децата. Секогаш треба да постои можност да се побара преглед или да се обжали таквата одлука на национално ниво. Детето треба да се запознае со тие механизми и истите да му бидат пристапни или директно или преку правен застапник, доколку се смета дека процедуралните заштитни механизми не биле испочитувани, фактите биле погрешни, проценката на најдобрите интереси не била правилно спроведена или дека преголема тежина е дадена на спротивставените разгледувања. Телото назначено за преглед на одлуката треба да ги разгледа сите тие аспекти.
(h) Проценка на влијанијата врз детските права (CRIA)
99. Како што беше наведено погоре, усвојувањето на сите мерки за имплементација треба исто така да ја следи процедурата со која се обезбедува дека најдобрите интереси на детето се од најголемо значење.
Проценката на влијанијата врз детските права (CRIA) може да го предвиди влијанието на секоја предложена политика, закон, регулатива, буџет или друга административна одлука која влијае на децата и на уживањето на нивните права и треба да го надополни тековниот мониторинг и евалуација на влијанијата од мерките врз детските права.17 CRIA треба да се внесе во владините процеси на сите нивоа и во најраните фази на креирање политики и други општи мерки за да се обезбеди добро управување за детските права. Различни методологии и практики може да се развиваат во однос на примената на CRIA. Конвенцијата и факултативните протоколи треба да се користат како рамка, и особено да се обезбеди дека проценките се поткрепени со општите начела и посебно внимание се дава на различното влијание на мерките кои се разгледуваат врз децата. Проценката на влијанијата може да се темели и на информации добиени од децата, граѓанското општество и експерти, како и од релевантните владини министерства, академски истражувања и искуствата кои се документирани во земјата и на други места.
17 Општ коментар Бр. 16 (2013) за обврските на државите во однос на влијанијата на бизнис секторот врз детските права, параг. 78-81.
CRC/C/GC/14
Од анализата треба да произлезат препораки за амандмани, алтернативи и подобрувања и истите треба да бидат јавно достапни.18
VI. Дисеминација
100. Комитетот препорачува на државите да извршат голема дисеминација на овој општ коментар кај парламентите, владите и судството, и на национално и на локално ниво. Исто така, и децата треба да бидат запознаени со него – вклучително и оние кои се наоѓаат во ситуација на исклученост – сите стручни лица кои работат за и со деца (вклучително и судии, адвокати, наставници, старатели, социјални работници, вработени во јавни и приватни институции за социјална заштита, здравствен кадар, итн.) и граѓанското општество. За таа цел, општиот коментар треба да се преведе на релевантните јазици, и треба да се стават на располагање и верзии кои се соодветни за и по мерка на децата, треба да се одржуваат конференции, семинари, работилници и други настани за споделување на најдобрите практики за негова имплементација. Тоа треба да биде вклучено и во формалната иницијална обука и обука на работното место за сите засегнати стручни лица и технички кадар.
101. Државите треба да внесуваат информации во своите периодични извештаи до Комитетот за предизвиците со кои се соочуваат и мерките кои ги имаат преземено за да се применат и почитуваат најдобрите интереси на детето во сите судски и административни одлуки и други активности во кои со детето се постапува како со поединец, како и во сите фази на усвојување на мерки за имплементација кои се однесуваат генерално на децата или како на посебна група.
18 Државите може да добиваат насоки од Извештајот на специјалниот известувач за правото на храна за Водечките начела за проценка на влијанијата на човековите права од трговските и инвестициските договори (A/HRC/19/59/Add.5).