Тематска расправа: Состојбата со ВПД Тетово (сместена во КПУ Затвор Охрид) 05.11.2019

Во контекст на актуелните случувања по однос на состојбата во ВПД Тетово (сместен во КПУ Затвор Охрид), Државниот совет за превенција на детско престапништво, на 05.11.2019 година одржа тематска расправа на којашто учество земаа Сибел Амет – претставничка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, и Жаклина Петреска – претставничка на Канцеларијата на Народен правобранител. На покана од претседателката на ДС, проф. д-р Гордана Лажетиќ, на седницата присуствуваше и директорот на ВПД Тетово, Зоран Стојановски.

На расправата беа презентиран Посебниот Извештај на  Народниот  правобранител  за констатираните состојби од повторната посета на ВПД Тетово (сместен во КПУ Затвор Охрид) и Извештајот на Хелсиншкиот комитет за човекови права. На расправата посебно се дискутираше за условите и местоположбата на самата установа односно негативното влијание на локацијата на самата установа лоцирана во кварт од градот со стамбени згради од кои многу лесно можат да се гледат нивните активности што предизвикува извесна доза на вознемиреност. Беше истакнато како позитивно тоа што е направено реновирање (мебел, паркет и сл) на просториите каде што се сместени и каде што појадуваат децата кои се на издржување на заводската мерка упатување во ВПД, а се забележува и подобрена исхрана и хигиена на задоволително ниво. Од друга страна констатирана е културно-образовна депривација бидејки не се одвивал задолжителниот со закон образовен процес, постои недооформено основно образование кај децата а не мал дел од нив се и неписмени. Во установата бил реализиран проект за следење на настава по математика, македонски јазик и природни науки од страна на  UNDP.        Здравствената заштита не е на задоволително ниво, медицинските прегледи и потребни интервенции на децата во ВПД се вршеле во Здравствениот дом а по потреба и во општата болница во Охрид, додека стоматолошките услуги во приватните стоматолошки ординации со кои имаат договор за соработка. Народниот правобранител препорачал почести прегледи кај психијатар за деца и млади или клинички психолог се со цел да се направат обиди да се намали односно корегира медикаментозната терапија. (антидепресиви, антипсихотици, седативи и др.) и да се направи евалуација на ефектите од медикаментозната терапија. Преставничката на Хелсиншки комитет Сибел Амет во најголем дел се согласи со забелешките и констатациите на Канцеларијата на Народен правобранител истакнувајки го подобреното сместување и исхраната во споредба на претходната посета. Хелсиншки комитет во последната посета констатирале дека е алармантна состојбата на образовниот статус на децата и дека образовниот процес треба под итно да се активира од надлежното министерство. Исто така, Хелсиншкиот комитет препорачува збогатување на програмата за работа со културно-забавни активности.

 

Се дискутираше и околу условите што ги има во новиот објект на ВПД во Волковија. Директорот Стојановски истакна дека тој во сите негови дискусии на јавни стручни расправи во врска со новиот ВПД во Волковија укажал на несоодветното идејно решение кое во споредба со првобитната локација на установата е неспоредлива во смисла на функционалнаоста и економичноста на третманот на децата.

Немањето на редовна сообраќајна линија, оддалеченоста на установата од најблиската здравствена установа (дом болница и сл.) дополнително ќе го ограничат ефикасното функционирање на ВПД. Директорот Стојановски укажа дека сеуште не се завршени сите потребни активности за стартот на новата установа во Волковија.

Тематската расправа заврши со согледувања дека оваа тема заслужува внимание и во иднина. ДС останува посветен на следење на процесите со преместување на децата од објектот на КПУ Затвор Охрид во објектот во Волковија.

Top