Д Е Л О В Н И К ЗА РАБОТА НА ДРЖАВНИОТ СОВЕТ ЗА ПРЕВЕНЦИЈА НА ДЕТСКО ПРЕСТАПНИШТВО (пречистен текст)

 

Врз основа на член 156 став 1 алинеа 3 од Законот за правда за децата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 48/2013), Државниот совет за превенција на детско претсапништво, на ден  25.06.2019 год. донесе

 

 Д Е Л О В Н И К

ЗА РАБОТА НА ДРЖАВНИОТ СОВЕТ ЗА ПРЕВЕНЦИЈА НА
ДЕТСКО ПРЕСТАПНИШТВО

(пречистен текст)

 

 

I. ОПШТИ ОДРЕДБИ

 Член 1

Со овој деловник се уредуваат начинот на работа на Државниот совет за  превенција  на  детско  престапништво (во  натамошниот  текст: советот),  согласно  надлежностите  на  советот  утврдени  со  законот  за правда за децата.

 

II. ПОСТАПКА ЗА ДОНЕСУВАЊЕ НА ДЕЛОВНИКОТ 

Член 2

Деловникот  на  советот  се  донесува  на  седница  на  советот  со мнозинство гласови од вкупниот број на членови.

 

III. ИЗБОР НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ДРЖАВНИОТ СОВЕТ

Член 3

 (1) Советот избира Претседател од редот на членовите на Државниот совет со мандат од 2 (две) години со мнозинство гласови од вкупниот број на членовите на советот.

(2) Предлог за избор на Претседател на советот може да поднесе секој член на Советот најдоцна три дена пред одржување на седницата за избор на Претседател.

(3) Со седницата на која што се врши избор на Претседател на Државниот Совет претседава членот на Советот кој има најдолг мандат (во понатамошниот текст: Претседавач ), а во случај кога има повеќе членови што имаат ист мандат, претседава највозрасниот.

(4) Пред да се пристапи кон гласање, Претседавачот ја утврдува листата на кандидати за избор на Претседател  на Државниот совет по азбучен ред на името и презимето на кандидатот.

Член 4

(1) Претседателот на советот се избира со јавно гласање доколку Советот не одлучи гласањето да биде тајно.

(2) Советот гласа за сите предложени кандидати за избор на претседател.

 

Член 5

(1) Ако се предложени повеќе кандидати за претседател на советот, избран е кандидатот кој добил мнозинство гласови од вкупниот број на членовите на советот.

(2) Преседавачот на советот ги повикува членовите на советот да се изјаснуваат „за“ предлогот, без повикување да се изјаснат „против“, односно „воздржан“.

Член 6

(1) Доколку во првиот круг никој од кандидатите за претседател на советот не го добил потребното мнозинство гласови, се пристапува кон втор круг на гласање за двајцата кандидати кои во првиот круг добиле најголем број гласови.

(2) Ако во првиот круг повеќе кандидати добиле ист број на гласови, заради што не може да се определат двајца кандидати што имаат најголем број на гласови, гласањето се повторува само за кандидатите што имаат ист број на гласови, со цел да се определат двајцата кандидати за кои ќе се гласа во вториот круг.

(3) Ако и по вториот круг ниту еден од двајцата кандидати не го добил потребниот број гласови тогаш се повторува постапката за избор на претседател на советот.

Член 7

(1) Тајно гласање за избор на претседател на советот се врши со гласачки ливчиња.

(2) На гласачкото ливче за избор на претседател на советот се отпечатуваат имињата и презимињата на лицата предложени за избор и тоа според азбучниот ред на презимињата на предложените кандидати.

(3) На гласачкото ливче пред името на кандидатите се става реден број.

(4) Гласачките ливчиња мораат да бидат со еднаква големина, боја и форма.

 

Член 8

(1)  Секој член на советот добива по едно гласачко ливче.  

(2) Откако ќе се утврди дека сите членови на советот добиле по едно гласачко ливче, претседавачот ќе ги даде потребните објаснувања за начинот на гласањето и ќе го определи времето потребно за пополнување на гласачките ливчиња.

Член 9

(1) Членот на Советот гласа на тој начин што го заокружува редниот број пред името и презимето на кандидатот за кого гласа и лично го спушта гласачкото ливче во поставената гласачка кутија, превиткано на начин што обезбедува тајност на гласањето.

(2) Откако сите присутни членови на советот ќе гласаат и откако претседавачот ќе објави дека гласањето е завршено, се преминува на утврдување на резултатите од гласањето.

 (3) Резултатите од гласањето се утврдуваат врз основа на предадените гласачки ливчиња. Гласовите ги бројат двајца членови кои ќе ги утврди советот, јавно пред сите присутни членови на Советот. 

Член 10

(1) Гласачкото ливче од кое не може јасно да се утврди за кого е гласано (заокружени се повеќе кандидати, прешкртани се имињата на еден или повеќе кандидати, ливчето е преправано, искинато, непополнето и сл.), се смета за неважечко.

(2) По завршување на гласањето и пребројувањето на гласачките ливчиња, преседавачот на советот ќе го објави резултатот од гласањето и ќе констатира кој од кандидатите е избран за претседател на советот.  

Член 11

(1) Доколку ниту еден од кандидатите не е избран за претседател на советот во првиот круг на гласање, односно не го добил потребното мозинство гласови од вкупниот број членови на советот, претседавачот ќе констатира за кои двајца кандидати кои добиле најголем број гласови во првиот круг на гласање, ќе се гласа во вториот круг.

(2) Ако во првиот круг повеќе кандидати добиле ист број на гласови, заради што не може да се определат двајца кандидати што имаат најголем број на гласови, гласањето се повторува само за кандидатите што имаат ист број на гласови, со цел да се определат двајцата кандидати за кои ќе се гласа во вториот круг.

Член 12

Во постапката и начинот на гласање во вториот круг со двајца кандидати, соодветно се применуваат одредбите од овој деловник што се однесуваат на гласањето во првиот круг. 

Член 13

Ако ниту еден од двајцата кандидати во вториот не го добил потребното мнозинство, изборната постапка во целост се повторува. 

 

 IV. ИЗБОР НА ПОТПРЕТСЕДАТЕЛ НА ДРЖАВНИОТ СОВЕТ

 Член   14

(1)Советот избира Потпретседател од редот на членовите на Државниот совет со мандат од 2 (две) години со мнозинство гласови од вкупниот број на членовите на советот.

(2)Предлог за избор на Потпретседател на Советот може да поднесе секој член на Советот најдоцна три дена пред одржување на седницата за избор на Потпретседател.

(3) Со седницата на која што се врши избор на Потпретседател на Државниот Совет претседава Претседателот или членот на Советот кој има најдолг мандат (во понатамошниот текст: Претседавач ), а во случај кога има повеќе членови што имаат ист мандат, претседава највозрасниот.

4) Пред да се пристапи кон гласање, претседавачот ја утврдува листата на кандидати за избор на Потпретседател на Државниот совет по азбучен ред на името и презимето на кандидатот.

 Член 15

 Одредбите  од  член 4  заклучно со член 13  од  Деловникот  се применуваат и при изборот на Потпретседател на Советот.

  

V.ПРАВА И ДОЛЖНОСТИ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ,

ПОТПРЕТСЕДАТЕЛОТ И ЧЛЕНОВИТЕ НА СОВЕТОТ 

 

Член 16

(1) Претседателот на Советот:

– го претставува и раководи со работата на Советот;

– свикува седници на Советот и со нив претседава;

– учествува во работата и одлучувањето на Советот;

– ги формулира предлозите дадени на седницата, како и заклучоците

и одлуките по одделни точки од дневниот ред;

–    презема  мерки  за  спроведување  на  заклучоците  и одлуките

донесени од страна на Советот;

–    ги потпишува актите што ги донесува Советот и се грижи за нивното

спроведување;

 –   се грижи за спроведување на овој Деловник и

–    врши други работи определени од Советот.

 (2)Претседателот на Советот, во негово отсуство, го заменува Потпретседателот  на Советот, а во нивно отсуство член на Советот што го определува Претседателот односно Потпретседателот на Советот.

(3)Потпретседателот  додека  го заменува Претседателот  ги има истите  права и должности како и Претседателот.

(4)Кога Претседателот е во оставка или не ја извршува својата  функција, Потпретседателот е должен веднаш да свика седница за избор  или  разрешување на Претседател на ДС.

                         

Член 17

(1)Секретарот на Советот врши стручни и административно-технички работи, а особено:

–  ја координира работата на членовите на Советот;

–  учествува во градење на политиката на Советот;

–  му помага на Претседателот и Потпретседателот на Советот во свикување и подготвување    на седниците;

– се грижи и помага во извршувањето на одлуките донесени од Советот; врши други работи на барање на претседателот и потпертседателот на Советот.

(2)Во случај доколку Министерството за правда не определи Секретар, Советот на предлог на Претседателот или Потпретседателот избира Секретар кој ги врши стручно-административните работи во врска со работата на Советот и нема право на глас при одлучувањето.  Секретарот се избира за период од 2 (две) години.

Член 18

Членовите на Советот:

– одговорно, законито и совесно ги извршуваат работите од надлежност на Советот;

– учествуваат во работата и одлучувањето по прашањата што се ставени на дневниот ред на седницата на Советот;

– даваат иницијативи, предлози, мислења и утврдуваат насоки и ставови по прашања од надлежност на Советот;

– го запознаваат Советот со ставот на органите што ги претставуваат;

– обезбедуваат реализација на заклучоците;

– работат согласно одредбите од овој Деловник и

– вршат други работи определени од Советот.

Членовите на Советот добиваат надоместок во висина и на начин утврден со закон по основ на присуство и учество на седниците.

Членовите на Советот се должни да присуствуваат на секоја седница на Советот.

По исклучок, Советот може да одржува седници и по електронски пат на начин утврден во Интерното упатство за спроведување електронски седници. За учество на електронските седници следува надомест, а доказ за учество е гласање и давање сугестии или мислења преку „reply to all“. Предлог за одржување електронска седница може да даде претседателот или најмалку тројца членови на ДС.

Отсуството се смета за оправдано и за него не следи надомест кога причината за отсуство е болест или службен патза што се должни да достават доказ во писмена форма.

            Отсуство од седница нема да се смета како основ за намалување на надоместокот ако членот на Советот има смртен случај во потесното семејство, ако остварил активности помеѓу две седници што се потврдува со испратен извештај до членовите на Советот, учествувал на стручна или научна расправа, обука или службен пат по одлука на Советот или поради неодложни службени обврски најмногу два пати во текот на една календарска година. Отсуството во смисла на овој став се констатира во записникот од седницата.

 

Член 19

(1) Мандатот на член на Советот трае пет години со право на повторен избор.

(2) Мандатот на член на Државниот совет престанува пред истекот на времето за кое е избран:

– по лично барање,

– поради смрт,

 – ако Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Северна Македонија  утврди  предлог  за  разрешување  на  член  на  Државниот  совет  поради неоправдано отсуство на три седници едноподруго или повеќе од пет седници во текот на годината, врз основа на предлогот што го донел Државниот совет со мнозинство гласови и

– ако трајно ја загуби способноста за вршење на функцијата.

– ако несовесно и неодговорно ја извршува функцијата.

(3) Неоправдано отуство во смисла на ставот 2 алинеја 3 од овој член Советот утврдува кога членот на Советот нема навремено, но не подоцна од еден ден пред денот на одржување на седницата, да го извести Претседателот  или секретарот на Советот за отсуството.

(4) Доколку членот на Советот отсуствувал три седници едно по друго, потребно е да достави писмен доказ за неговото отсуство до Претседателот или Секретарот на Советот.

 – Член на Советот не може да биде разрешен од функцијата ако согласно Законот за работни односи е на породилно отсуство и боледување.

 (5) Секретарот на Советот го известува претседателот на советот за случаите кога член на советот неоправдано отсуствува на три седници едноподруго или повеќе од пет седници во текот на годината, а не го оправдал своето отсуство.

(6) Исполнувањето на условите од ставовите 2 и 3 од овој член  ги утврдува Државниот совет со мнозинство гласови од вкупниот број членови и поднесува инцијатива за престанок на мандатот до Собранието на Република Северна Македонија.

(7) Ако на член на Државниот совет му престане функцијата пред истекот на мандатот, согласно со овој член, во рок од три месеци се избира член на Државниот совет, согласно со одредбите на овој член.

Член 20

Претседателот, Потпретседателот и членовите на советот, секретарот и стручните и другите лица кои се поканети да учествуваат во работата на советот, се должни информациите и податоците до кои ќе дојдат во текот на работата на советот да ги чуваат согласно законот за класифицирани информации.

 

 VI. НАЧИН НА РАБОТА И ОДЛУЧУВАЊЕ НА СОВЕТОТ

 Седница на Советот

Член 21

(1) За прашања од својата надлежност советот работи на седница.

(2) Советот по правило одржува седница најмалку два пати во текот на месецот,  а по потреба и  повеќе пати во текот на месецот.

(3) Седниците на советот по правило се отворени за јавноста по исклучок, доколку советот расправа за прашања за кои оцени дека имаат доверлив карактер, или за прашања кои би предизвикале несакано дејство кон одредена категорија деца, советот може да одлучи седницата да биде затворена за јавноста.

(4) За работата и одлуките од седниците на советот јавноста редовно се  информира  преку  соопштенија  и  прес-конференции  од  страна  на претседателот на советот или за тоа овластен член од советот.

Член 22

(1)  Седниците ги закажува и со нив раководи претседателот на советот.

(2) Седница на советот се закажува и по барање на член на советот, упатено во писмена или електронска форма до претседателот.

(3) Во случај на отсуство на претседателот на советот по потреба седницата ја закажува член на советот што го определува претседателот на советот.

(4)  Предлог  дневниот  ред  со  потребните  материјали  за  расправа, предлог  одлуките,  по  правило  се  доставуваат  најмалку  три  дена  пред одржувањето на седницата на советот во електронска,а во писмена форма на денот на одржување на седницата.

 

 Член 23

 Седницата  ја  отвара  претседателот  на  советот,  при  што  по евиденција на присуството на членовите на    советот, претседателот на советот  пристапува  кон  утврдување  на  дневниот  ред  и  усвојување  на записникот од претходната седница.    

 

                                                                                                    Член 24

 Советот може по исклучок и во итни случаи да одлучува по пат на консултации,  без  одржување  на  седница  со  писмена  согласност  на мнозинство  членови  на советот.

 Член 25

 При утврдување на дневниот ред можаaт да се внесат и прашања
предложени  непосредно  пред  одржување  на  седницата  или  на  самата седница  ако  се  од  итен  карактер,  и  за  кои  не  е  потребна  подготовка.

 

Член 26

 (1) Советот работи и одлучува ако на седницата присуствуваат мнозинството од членовите.

(2) Советот заклучоците и одлуките ги донесува со мнозинство гласови од вкупниот број членови.

 (3) Гласањето се врши така што присутните членови се изјаснуваат со “за” или “против” предлогот. Ако има повеќе предлози, прво се гласа за предлогот на предлагачот, а потоа за другите предлози, како што биле предложени на седницата или по логичен редослед.

Член 27

 (1) На  седницата  се  повикува  претставникот на народниот правобранител, кој  има  право  да  учествува  во  расправата  за  прашања поставени на дневниот ред, а кои се однесуваат на правата и заштитата на правата на децата.

(2) Претставникот на народниот правобранител може да дава свои предлози и сугестии за разрешување на прашањата за кои расправа советот, без право на глас при донесување на одлуки и заклучоци.

(3) Претставникот на народниот правобранител може и самоиницијативно да предлага советот да расправа за одредени прашања кои произлегуваат од работата на народниот  правобранител, а се однесуваат на  прашањата  за  кои  е  надлежен  да  расправа  и  одлучува советот.

(4)  На  седницата се  повикува  претставник  на  канцеларијата  на УНИЦЕФ во Скопје, кој има право да учествува во расправата за прашања поставени на дневниот ред, а кои се однесуваат на правата и заштитата на правата на децата.

(5)   Претставникот на УНИЦЕФ може да дава свои предлози и сугестии за разрешување на прашањата за кои расправа советот, без право на глас при донесување на одлуки и заклучоци.

(6) Претставникот на УНИЦЕФ може и самоиницијативно да предлага
советот да расправа за одредени прашања кои произлегуваат од   работата на УНИЦЕФ, а се однесуваат на прашањата за кои е надлежен да расправа и одлучува  советот.

(7) На седница на советот можат да се повикуваат да присуствуваат претставници од институции и стручни лица, заради давање придонес во расправата и за разрешување на дилеми околу одредено прашање кое што е предмет на расправа на советот

 (8) На седница на советот можат да се повикуваат и претставници на домашни и меѓународни невладини организации и меѓународни организации кои работат на промоција и заштита на правата на децата.

 

             Член 28

 (1) По завршување на расправата по секоја од точките од дневниот ред, советот усвојува заклучоци и одлуки.

 (2) Заклучоците и одлуките од став (1) на овој член ги формулира претседателот на советот.

 

Член 29

 (1) За текот на седницата на советот, Секретарот води записник.

 (2) Записникот ги содржи: времето и местото на одржување на седницата, имињата на присутните членови на советот, точките од дневниот ред, дискусијата по дневниот ред и донесените заклучоци и одлуки.

 (3) На првата наредна седница советот го разгледува и усвојува записникот од претходно одржаната седница.

 (4) За одржана консултативна средба согласно членот 24 овој деловник дополнително  се  составува  записник  кој  се  усвојува  на  првата  наредна седница на советот.

(5) Членовите имаат право да дадат забелешка  на  записникот, доколку сметаат дека не се добро интерпретирани нивните ставови или доколку сакаат да го дополнат за одредени прашања што сметаат дека не се доволно застапени.

(6) Усвоениот записник го потпишуваат претседателот на советот и секретарот.

Член 30

(1) Советот може да формира работни групи за изработка на материјали за    прашања  од  надлежност  на  советот,  во  кои  по  потреба  може  да учествуваат стручни лица  и надворешни експерти.

(2) Членовите  на  работните  групи  и  надворешните  стручните  лица  и експерти  ангажирани во склоп на работните групи ќе добијат надомест кој ќе биде  одреден со посебен акт.

(3) УНИЦЕФ се повикува да учествува во работата на работните групи. претставникот на уницеф не добива надомест за учество во работата на советот и работните групи.

Член 31

(1)Советот има печат.

(2)Печатот на Советот служи за потврдување на автентичноста на актите што ги донесува или упатува.

(3)Печатот на Советот се става на актите што ги донесува и со кои Советот одлучува и писмената кои што ги упатува до трети лица и органи.

 

Член 32

   (1) Печатот на Советот има облик на круг, во средината е грбот на Република Северна Македонија, а околу него во концентрични кругови е испишан називот и седиштето на Советот.

  (2)Големината на печатот на Советот е со пречник од 32 мм.

(3)Текстот на печатот се впишува на македонски јазик и неговото кирилско писмо.

                                                                                                  Член 33

  • Советот има лого.
  • Логото е симбол кој носи визуелна порака и по кој е препознатлив Советот.
  • Логото на Советот се става на актите што ги донесува и со кои Советот одлучува и писмената кои ги упатува до трети лица и органи како и на промотивни материјали.

 

Член   34

  • Логото на Советот се состои од два дела: графички (кој е комбинација од виножито полукружен лак/лаци под кое се сместени две деца едно од машки и едно од женски пол) и текстуален (ДСПДП)

 

VII . ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 35

Изменувањето и дополнувањето на овој деловник ќе се врши на начин и постапка според кои и се донесува.

Член 36

Овој деловник влегува во сила со денот на неговото донесување.

Член 37

Со денот на донесување на овој деловник се ставаат вон сила деловниците од 19. 02.2014 година, 26.02.2015 година, 09.02.2016 година и 18.04.2017 година.

 

 

 Скопје

25.06.2019

                                                                                                                        ПРЕТСЕДАТЕЛ,  

                                                                                                     Проф. д-р Гордана Лажетиќ

 

 

 

Top